Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, и владината делегација во рамки на посетата на Обединетите Арапски Емирати, денеска оствари посета на Стопанско-индустриската комора на Дубаи, каде што се сретна со претседателот на Комората, г-дин Маџид Саиф Ал Гураир.
Комората на Дубаи е најголема стопанска групација во Емиратот во која членуваат над 170 000 стопански субјекти чиј што вкупен годишен обрт на средства надминува 100 милијарди американски долари.
Членовите на владината делегација ги претставија можностите за инвестирање кои ги нуди нашата земја.
Премиерот Груевски истакна дека е од исклучително значење градењето и унапредувањето на добрите политички односи да биде проследено со интензивирање на економските односи помеѓу Република Македонија и Обединетите Арапски Емирати.
Целта на нашата посета е да ги унапредиме економските и политичките односи меѓу нашите земји. Всушност, ние немаме некое отворено политичко прашање, но преку повеќе контакти можеме да ги подобриме нашите врски, нашата политичка соработка и има многу простор да се подобри економската соработка. Сето тоа ќе придонесе да се подобри најпрво трговската размена, па потоа инвестициската активност и другите форми на економска соработка, изјави премиерот Груевски.
Претседателот на македонската Влада Груевски истакна дека Република Македонија нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, кои се карактеризираат со најнискиот даночен пакет во Европа, и со најниска ефективна даночна стапка во светот во износ од 7,4%.
Додаде дека хендикепот со малиот национален пазар е надминат со потпишувањето на договори за слободна трговија со сите земји од континентот Европа, со кои се овозможува пласирање на производите кои се произведени во Македонија на пазар од над 660 милиони потрошувачи, без плаќање на царини и останати надворешно трговски такси.
Вицепремиерот Владимир Пешевски се задржа на презентација на квалитетот на едуцираната работна сила и на отвореноста на Владата за поддршка на приватните бизниси, како и на намалувањето на административните бариери за водење бизнис што се реализираше преку проектот Регулаторна гилотина.
Претседателот на Стопанско-индустриската комора на Дубаи, г-дин Ал Гураир, позитивно ги оцени поволностите кои нашата земја ги овозможува за странските инвеститори, истакнувајќи дека посетата на премиерот Груевски на Емиратите доаѓа во позитивен момент и е од исклучително значење за унапредување на меѓусебната соработка.
Активно работиме на меѓународната експанзија и на идентификување на нови пазари за нашите бизнис членки и оваа посета не можеше да дојде во подобро време затоа што ние секогаш бараме нови можности и релации. Инвестициските можности кои Македонија ги нуди во сферата на агробизнисот, производството на храна, информатичко-комуникациските технологии, текстилната индустрија и во индустријата за автокомпоненти имаат синергија со Дубаи. Веруваме дека има мноштво можности за понатамошна билатерална соработка. Во ситуација кога трговијата помеѓу двете земји е недоволно развиена, треба да работиме на нејзино интензивирање и да капитализираме заедничка корист за двете земји, базирани на средината и политиките кои ги правиме, истакна Маџид Саиф Ал Гураир.
Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, ги истакна поволностите кои се овозможуваат за реализација на инвестиции во нив, како што се даночните ослободувања.
Емиратот Дубаи располага со економска моќ од околу 100 милијарди долари годишен бруто домашен производ, што значи дека тука не само што е развиен процесот на привлекување на инвестиции од целиот свет, туку уште повеќе луѓето и компаниите од Дубаи разгледуваат на кој начин подобро да го пласираат нивниот капитал во странство. Затоа денес остваривме средба и со Стопанската комора на Дубаи и она што Македонија го претставува пред оваа комора е многу значајно за да компаниите членки најдат соодветен интерес, зависно од сферата на работа, за да ја искористат Македонија за пласирање на своите производи или преку нашата држава да стигнат до европскиот пазар, изјави директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо.