Запленети златен и сребрен накит, девизи, акцизна стока, семки од марихуана и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани златен сребрен накит, девизи, домашна ракија, цигари, свежо овошје, облека, бижутерија, мобилни телефони, мрежни контролери, алкални батерии, делови за огради, лак, делови за возила, витамински препарати и фалсификати.

Покрај тоа спречени се еден обид за криумчарење семки од марихуана и еден обид за нелегален влез на патник во државата, и откриена е една царинска измама.

Задржана е следната стока:

Девизи и злато
– 310 грама стар златен накит и 175 грама стар сребрен накит, со вредност од околу 374 илјади денари, откриен при контрола на рачна торба, сопственост на патник со македонско и турско државјанство, кој патувајќи со турски автобус, на релација Истанбул – Струга, се пријавил за влез во државата на граничниот премин Богородица. Во внатрешноста на торбата на патникот, во повеќе мали кутии и 2 вреќички за накит, сместени во најлонско кесе, се пронајдени 16 парчиња златен накит (нараквици, синџирчиња, обетки, прстени и приврзок) и 16 парчиња сребрен накит (прстени, приврзоци, обетки и гердан). Накитот е привремено задржан, а против сторителот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 10.000 евра, откриени при личен претрес на холандски државјанин, кој управувајќи холандски автомобил, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во џеб од јакната на патникот се пронајдени 20.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло или потврда за внесување на готови пари издадена од царински орган на влез во државата. На патникот му се вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата.

Акцизна стока

– 20 штеки цигари Marlboro, со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на француски автомобил, управуван од француски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Десет штеки се пронајдени на задното седиште, покриени со ќебе, а по пет штеки се пронајдени под возачкото и пред совозачкото седиште прикриени со патна торба. Непријавените цигари се привремено задржани а против сторителот е поведена соодветна постапка.

– 6 штеки цигари YORKBlue со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил со кој за излез од државата, на граничниот премин Делчево, се пријавиле двајца македонски државјани. Три штеки се пронајдени под задното седиште на возилото, а уште три штеки се пронајдени под облеката, околу половината и во чорапите на сопатникот во возилото.

– 155 литри домашна ракија, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена во близина на наплатната рампа пред Велес. Во багажниот простор и зад возачото седиште се пронајдени 10 пластични канти и 14 пластични шишиња со домашна ракија, за кои не поседувал доказ за потекло и платени акцизни давачки. Ракијата е привремено задржана, а против прекршителот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Овошје

– 5.516 килограми свежо овошје, откриени во два одвоени случаи на царинската испостава Гевгелија, при контрола на стока пријавена за увозно царинење.

Во првиот случај, при контрола на македонски камион, натоварен со свежи мандарини и лимони со потекло од Турција, наменети за увозник од Скопје, биле пронајдени 4.868 килограми мандарини, што не биле опфатени со царинските документи.

Во вториот случај, при контрола на турски камион натоварен со свежи лимони, мандарини и грејпфрут, наменети за увозник од Скопје, биле пронајдени 648 килограми грејпфрут што не биле опфатени со царинските документи.

Во двата случаи непријавеното овошје е привремено задржано, а против увозниците се поднесени барања за поведување на прекршочни постапки.

Бижутерија и облека

– 309 парчиња облека и 292 парчиња разна бижутерија, откриени во четири одвоени случаи, при контрола на три патнички автомобили и еден автобус, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при контрола на македонски автомобил, во патна торба сместена во багажниот простор се пронајдени 292 парчиња разна бижутерија (паметни обетки, брошеви, рачни часовници, круни и комплети од прстен, обетки, нараквица и гердан), сопственост на македонски државјанин, патник во возилото.

Во вториот случај, при контрола на албански автомобил со кој патувале двајца албански државјани, во три патни торби и неколку кеси, сместени во багажниот простор, на задното седиште и помеѓу предните и задните седишта, се пронајдени 207 парчиња женска, машка и детска облека (фармерки, фустани, јакни и блузи).

Во третиот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, во багажниот простор и под задното седиште се пронајдени 52 парчиња женска облека (панталони и блузи).
Во четвртиот случај, при контрола на турски автобус, во патна торба сопственост на македонски државјанин, патник во автобусот, се пронајдени 50 машки блузи.

Во сите четири случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителите ќе бидат поведени соодветни постапки.

Технички стока

– 2 мрежни контролери – switcher, марка HP 1820-48G SWITCH J9981A, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на турски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените уреди се привремено задржани а против патникот е поведена прекршочна постапка.

– 2 мобилни телефони, марка IPHONE 5 и IPHONE 6, откриени на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, при контрола на брза пратка со декларирани употребувани полначи и маски за мобилни телефони, наменети за физичко лице од Штип. Непријавените телефони се привремено задржани, а против прекршителот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 4 употребувани мобилни телефони IPHONE 5 и IPHONE 6, откриени при контрола на македонски автобус, што сообраќал на релација Софија – Скопје, управуван од македонски државјанин и пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Телефоните сопственост на возачот се пронајдени во ладилникот на автобусот што се наоѓа пред совозачкото седиште.

– 240 алкални батерии VERBATIM PREMIUM ALKALINE тип АА и ААА, откриени при контрола на стока со потекло од Косово, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Блаце-отсек за стоково царинење. Батериите кои не биле опфатени со царинските документи се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Останато

– 332 метални врвови за ограда и 4 гуми за патничко возило, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два македонски автомобили, управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

Во првиот случај, во 6 картонски кутии сместени во багажникот на возилото, се пронајдени 332 метални врвови за огради, а во вториот случај, во багажникот на возилото се пронајдени 4 гуми за патничко возило.

Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против возачите се поведени соодветни постапки.

– 18 литри лак, 2 стоп светла и 2 трепкачи за возила, откриени при контрола на македонски камион управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените производи се пронајдени во кабината на возилото, пред совозачкото седиште и на горниот кревет. Производите се привремено задржани а против возачот е поведена соодветна постапка.

– 6 пакувања (180 кесички) витамински препарати AltrientC, откриени на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, при контрола на брза пратка од Велика Британија, наменета за физичко лице од Прилеп.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост

– 416 пара машки и детски пижами со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на текстилни производи со потекло од Турција, наменети за увозник од Струга, пријавени за увозно царинење на царинската испостава Струга.

Пижамите се привремено задржани поради основано сомневање дека претставуваат фалсификат на заштитени трговски марки и согласно законските одредби ќе биде започната постапка за утврдување на нејзината оригиналност.

Покрај тоа, во текот на минатата недела, царинските службеници спречија еден обид за криумчарење семки од марихуана, еден обид за нелегален влез на патник во државата и еден обид за царинска измама.

Семки од марихуана

Царинските службеници од граничниот премин Табановце автопат спречија обид за криумчарење семки од марихуана.

На ден 19.10.2015 година за излез од државата се пријавил полски автобус, што сообраќал на релација Атина-Краков. При контрола на патната торба на словачки државјанин, патник во автобусот, помеѓу неговите лични работи, е пронајдено картонско кутивче со 37 семки од марихуана. Патникот изјавил дека од почетокот на месец јуни престојувал и работел во Лептокарија, Грција, каде од грчки државјанин ги набавил семките со цел да ги однесе дома и да ги засади, затоа што бил уживател на марихуана.

Царинската управа поднесе кривична пријава против патникот, за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Осомничениот е предадедн на судија за претходна постапка во Основниот Суд Куманово, каде е донесена пресуда со предлог спогодба со која осомничениот е прогласен за виновен и му е утврдена казна условна осуда – казна затвор 9 месеци која нема да се изврши доколку истиот не стори друго кривично дело во период од 5 години, како и протерување на странец од Република Македонија со забрана за влез во државата 10 години.

Илегалец

На граничниот премин Богородица е спречен обид за нелегален влез на патник во државата.

При контрола на германски автомобил, управуван од холандски државјанин, на подот на возилото помеѓу средните и задните седишта, покриено со ќебе и лични предмети, било пронајдено женско лице со сириска националност. Возачот изјавил дека се работи за негова мајка која останала сама во Сирија, а намерата му била да ја однесе до Германија.

Целиот случај е предаден на полициските службеници од граничниот премин.

Измама

На царинската испостава Гевгелија е откриен обид за избегнување плаќање на увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Фирма увозник од Скопје пријавила за увозно царинење заштитни кожни ракавици, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 17,5% и стапка за ДДВ од 18%, и кабаници за дожд, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 6% и стапка за ДДВ од 18%. При извршен детален преглед на стоката, царинските службеници утврдиле дека заштитните ракавици треба да се декларираат во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 20% и стапка за ДДВ од 18%, а кабаниците за дожд треба да се декларираат во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 17,5% и стапка за ДДВ од 18%.

Врз основа на новоутврдените тарифни ознаки извршена е пресметка на дополнителни давачки во износ од над 60 илјади денари, а против увозникот е поведена прекршочна постапка со мандатна казна.