„АРМ – мој вистински дом“ е проект кој за нас е приоритет. Преку него припадниците на Армијата ќе имаат можност да го решат своето станбено прашање, односно да се здобијат со стан по мошне поволни услови, рече министерот за одбрана Зоран Јолевски вчера во изјава за јавниот сервис.
Кредитите за купување на становите по градежна цена можат да се земат на 240 рати, односно 20 години, посочи министерот. Тој истакна дека припадниците на Армијата и цивилните лица во служба на Армијата нема да плаќаат ниту земјиште, ниту комунални такси, ниту камати за кредитите кои ќе ги добијат. Сето тоа ќе биде на товар на Министерството.
Според предвидената динамика, се очекува градбата на првата зграда да започне кон крајот на декември оваа година, односно почетокот на јануари 2016 година. Министерот Јолевски посочи дека во текот на денешниот ден ќе оствари и средба во Стопанската комора со цел објаснување на начинот на финансирање, како и побарување на понуди од градежните компании, од кои ќе се избере онаа која е најповолна и најквалитетна.
Министерот Јолевски ги повика сите припадници на Армијата да се пријават на првиот Конкурс кој трае до 20-ти ноември.