По повод синоќешниот терористички напад во француската престолнина Париз, градоначалникот Никола Бакрачески, упати зборови на сочувство до амбасадорот на Франција во нашата земја, Н.Е. Лоренс Оер.
„Знам дека во овој момент нема зборови со кои може да се најде утеха за ужасниот и кукавички чин со кој синоќа беа соочени граѓаните на Париз и Франција. Дозволете ми, во мое име и во името на граѓаните на Охрид да Ви изразам најдлабоко сочувсто за загинатите и повредени граѓани на Вашата земја. Молитвите на охриѓани денес се упатени кон Франција. Земјата која на светот му ги подари најуниверзалните демократски принципи за слобода, еднаквост и братство, синоќа се соочи со најсуровиот антипод на овие зборови, кои го потресоа сиот слободарски и демократски свет.
Длабоко сум уверен дека Францускиот народ ќе знае да се издигне и над оваа трагична ситуација и како и многупати досега, ќе биде лидер на слободоумниот и демократски свет, во кој човечкиот живот и слобода се највисоките вредности“. – се вели во пораката со сочувство.