Во организација на Европскиот парламент, а во соработка со Европскиот народен правобранител, на 18 и 19 ноември, во Брисел, Белгија, се одржува Интерпарламентарен семинар на тема „Улогата на народниот правобранител во модерната парламентарна демократија: регионална перспектива“.
На семинарот учествува Делегација од Собранието на Република Македонија во состав: Владимир Ѓорчев, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Емил Димитриев, член на Комисијата, Ернад Фејзула, член на Комисијата и Рената Дескоска, член на Комисијата.
Интерпарламентарниот семинар го отвори Емили О’Рејли, европски народен правобранител.
Во рамките на програмата, првиот ден се отвори дискусија за одговорноста на институциите на Европската унија и улогата на народниот правобранител, механизми и извори за ефикасна институција народен правобранител, eвропската мрежа на народни правобранители и нејзина еволуција како релациите на народниот правобранител кон граѓанското општество и широката јавност. На вториот ден на семинарот се очекува да се дебатира за анализи на погрешни практики, различни институции и комплементарни улоги, улогата на парламентарниот надзор над спроведувањето на законот и влијанието на народниот правобранител, како и развивање на добра административна поддршка во процесот на пристапување кон Европската унија.
На парламентарниот семинар учествуваат европратеници, претставници од парламентите на земјите на Западен Балкан и Република Турција, претставници од Европската комисија, европски народни правобранители, народни правобранители од земјите во процес на пристапување кон Европската унија и експерти, со цел да ги споделат регионалните искуства и видувањата за идните предизвици во овој домен, со акцент на размена на информации меѓу учесниците.