Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на град Охрид, изминативе два дена реализира сообраќајни едукативни часови со најмладите.
Едукативни проактивни предавања се одржаа со учениците од III и IV година во Општинското средно училиште „Св.Климент Охридски“ и со учениците од осмо одделение во основното училиште „Григор Прличев“. Предавањата ги спроведе полициски службеник од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај од Охрид, а беа поврзани со одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, правилата на сообраќај, системот на сообраќајни знаци и опрема и други аспекти од сообраќајот поврзани со безбедноста и заштитата на сообраќајот на патиштата. За учениците од III и IV година во средното општинско школо, посебно беа интересни темите поврзани со условите за стекнување право на управување со возила, оспособување кандидати за возачи, полагање возачки испит и проверка на оспособеноста на возачи како и уредите и опремата што задолжително треба да ја поседуваат возачите вовозилата.
Целта на овие предавања е јакнење на свеста за одговорно и совесно учество пред се кај младите во сообраќајот, укажување на потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи но и да се сврти вниманието и да се алармира на трагичните последици од несоодветно однесување на сите учесници во сообраќајот што доведува до сообраќајни незгоди. Предавањата треба да ја подигнат безбедносната култура пред се кај младите за одговорност во сообраќајот, поголема совесност, дисциплина со што најдиректно може да се придонесе кон побезбеден и посигурен сообраќај.
Инаку, едукативните сообраќајни часови се одржаа во рамките на предвидените активности на Општинскиот совет за безбедност за одбележување на Светскиот ден на сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди.