Запленети пари, акцизни производи, автоделови, гасен пиштол, народни носии, пехари и фалсификати

Минатата недела царинските службеници открија три царински измами и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани странски и домашни готови пари, цигари, домашна ракија, автоделови, гасен пиштил и муниција, народни носии, пластични држачи, пехари и фалсификати. Задржана е следната стока:

Готови пари

– 14.350 евра, откриени при личен претрес на еден македонски државјанин и еден турски државјанин со привремен престој во Република Македонија, кои како патници во турски автомобил се пријавиле за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во џебовите и во чорапите на едниот патник се пронајдени 15.000 евра, додека во џеб од тренерката на другиот патник се пронајдени 3.350 евра. Согласно законските прописи на двајцата патници им се вратени по 2.000 евра, додека привремено се задржани од едниот патник 13.000 евра, а од другиот патник 1.350 евра. Против патниците се поднесени барања за поведување на прекршочни постапки за сторените девизни прекршоци.

– 10.000 евра, откриени при контрола на српски автомобил, со кој за излез од државата преку граничниот премин Табановце автопат се пријавиле тројца српски државјани. На прашање на царинските службеници, патниците одговориле дека носат девизи во рамки на дозволеното, но при контрола на нивниот багаж, на дното на една патна торба и во странична преграда на друга патна торба, сопственост на патник во возилото, се пронајдени вкупно 19.200 евра, додека во странична преграда на патна торба, сопственост на возачот се пронајдени 10.800 евра. Согласно законските прописи на патниците им биле вратени по 10.000 евра, додека привремено се задржани од едниот патник 9.200 евра, а од возачот 800 евра.

– 126.000 денари, откриени при личен претрес на германски државјани, кој управувајќи германско патничко комбе се пријавил за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Во рачна чанта на патникот се пронајдени 246.000 денари, од кои согласно законските прописи му се вратени 120.000 денари, износ што може слободно да се внесе во државата. Покрај тоа, при контрола на возилото, во подот во задниот дел е пронајден специјално изработен бункер што може да се користи за криумчарење, што беше причина за привремено задржување и на возилото. Против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Акцизна стока

– 100 литри домашна ракија, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена во близина на наплатната рампа Петровец. Помеѓу предните и задните седишта и во багажникот на возилото се пронајдени 6 пластични канти и 43 пластични шишиња со домашна ракија произведена од возачот, наменета за продажба. Ракијата за која не се платени акцизни давачки е привремено задржана, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 7 штеки цигари марка Marlboroи Golden Gate без акцизни маркички, откриени при контрола на српски камион, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Цигарите, пронајдени во горните прегради во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Автоделови

– 586 автоделови, откриени во два одвоени случаи, од страна на мобилните царински тимови.

Во првиот случај, при контрола на српски камион управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, во две картонски кутии, сместени под креветот во кабината на возилото, се пронајдени 580 разни авто делови (грејачи, механички пумпи, спојници за црево, лагери, ребрасти ремени, семеринзи и термостати), со вкупна вредност од околу 140.000 денари.

Во вториот случај, на патниот правец Табановце – Куманово, во соработка со припадници на МВР, била извршена контрола на српски автомобил управуван од српски државјанин, при што под хаубата на возилото, во просторот околу моторот се пронајдени 3 егер вентили и 3 полуосовини за патнички возила марка Golf и Sharan.

Во двата случаи, непријавените автоделови се привремено задржани, а против возачите ќе бидат поведени соодветни постапки.

– 38 нови фарови и стоп-светла за различни возила, откриени при контрола на патничко возило со привремени германски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи се пронајдени во неколку кутии со облека, сместени на задното седиште и во багажникот на возилото. Автоделовите се привремено задржани, а против возачот поведена прекршочна постапка.

Оружје и муниција

– 1 гасен пиштол марка SWISS ARMS P1911 Match, 25 парчиња патрони за гасен пиштол наполнети со CO2 марка SWISSARMSС12-06-А2 и 1.490 дијаболи марка Copperhead, откриени при контрола на норвешки автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Оружјето и муницијата се пронајдени скриени помеѓу личните работи на возачот, во куфер сместен во багажникот на возилото. Против возачот ќе биде поведена соодветна постапка за сторениот прекршок.

Народни носии и пехари

– 23 комплети народни носии и 15 пехари, откриени во два одвоени случаи при контрола на два косовски автомобили, управувани од косовски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Јажинце.

Во првиот случај, во три најлонски кеси, од кои едната сместена пред совозачкото седиште, една сместена на задното седиште и покриена со јакни и третата сместена во багажникот на возилото, пронајдени се 23 комплети детски и женски народни носии. Носиите биле сопственост на патничка во автомобилот – косовска државјанка, според чија изјава биле нејзина изработка и имала намера да ги продаде во Тетово.

Во вториот случај, во повеќе картонски кутии во багажникот на возилото, се пронајдени 15 пехари. Возачот на возилото се обидел да ја избегне царинската контрола, но со асистенција на полициските службеници од преминот, возилото било вратено назад, по што бил извршен детален преглед.
Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителите се поднесени барања за поведување на прекршочни постапки.

– 1.900 пластични држачи, плочки и куки за чипс, откриени при контрола на празен македонски камион управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени во 5 картонски кутии сместени на креветот во кабината на возилото, се привремено одземени, а против возачот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост
– 235 пара тренерки, 223 пара обувки (патики и влечки) и 230 слушалки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Косово, наменета за фирма од Скопје, а пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 3.
– 483 кг чоколадни производи во разни форми, сетови бомбони со вкус на јагода, бомбони со играчки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на стока со потекло од Колумбија, Кина и Англија, наменети за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Гевгелија.

Во двата случаи, стоката е привремено задржана поради сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи, Царинската управа ќе започне постапки за утврдување на нивната оригиналност.

Царински измами

Во текот на минатата недела се откриени три царински измами, од кои еден обид за избегнување на мерки на трговска политика при увоз на хемикалии и два обиди за избегнување на плаќање на увозни давачки.

На цaринска испостава Гевгелија, фирма увозник од Скопје пријавила за увозно царинење мешаница на двојни соли амониум сулфат и амониум нитрат, декларирана во тарифен број со царинска стапка од 0% и стапка за ДДВ од 5%. При извршен детален преглед на стоката било утврдено дека се работи за стока со трговски назив Амониум сулфат, што се распоредува во тарифна ознака со пропишани царинска стапка од 0% и стапка за ДДВ од 5%, но за увоз на таков вид стока се потребни Одобрение за увоз на опасни и други видови на хемикалии од Агенцијата за лекови и Дозвола за транспорт/транзит на опасни материи, кои увозникот не ги поседувал.

Предметната стока е привремено задржана, против увозникот е изготвен Записник за царински прекршок, изречена му е мандатна казна и изготвен е Записник за мерки на трговска политика, со кој на увозникот му е понудено во рок од 8 дена да ги извади потребните дозволи или стоката да ја врати во странство.

На царинската испостава Штип се откриени два обиди за избегнување на плаќање на увозни давачки, едниот со приложување фалсификуван доказ за потекло, а другиот со погрешно тарифирање на стока.
Во првиот случај, во текот на 2014 година, увозник од Виница пријавил за увозно царинење 2 употребувани виљушкари Toyota, со потекло од Велика Британија, за што бил приложен доказ за преференцијално потекло, со цел царинење со стапка за царински давачки од 0% Поради сомневање во декларираното потекло на виљушкарите, извршена е дополнителна проверка на доказот за потекло по што е констатирано дека стоката не ги исполнува условите за стекнување на преференцијално потекло, врз основа на што се пресметани дополнителни увозни давачки во износ од околу 94 илјади денари.

Во вториот случај, фирма од Штип пријавила за увозно царинење адитиви за вино, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. Поради основано сомневање во правилното тарифирање на стоката, земени се мостри и испратени се на анализа во царинската лабораторија. По извршеното испитување утврдено е дека пријавената стока требало да се распореди во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 30% и стапка за ДДВ од 5%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака извршена е пресметка на дополнителни увозни давачки во износ од над 33 илјади денари.