По повод 70 годишнината од основањето на Обединетите нации, денес во ЕУ инфо центарот во Скопје беше отворена изложбата „Конференција во Сан Франциско (25 Април – 26 Јуни 1945) – Република Словачка во Обединетите нации“, во организација на Амбасадата на Република Словачка. Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на покана на амбасадорот на Република Словачка во Република Македонија, Н.Е. Мартин Безак се обрати и ја отвори изложбата.
Министерот Јолевски во своето обраќање пред присутните гости истакна дека 1945 година во Сан Франциско се удрија темелите на организацијата на Обединетите нации која ќе се грижи за зачувување на светскиот мир и која ќе ги спречи појавите на нови крвави војни меѓу народите. Таа се основа како резултат од потребата за заедничко делување и создавање основи за зачувување на светскиот мир.
„Оваа значајна организација преку своите механизми го помагаат зајакнувањето на економскиот раст, борбата против сиромаштијата, борбата против заразните болести и зајакнувањето на меѓународната трговија“, рече министерот Јолевски.
Домаќинот на оваа изложба, Амбасадорот Безак, на отварањето посочи дека Словачка како дел од тогашната држава Чешкословачка е една од земјите потписнички на Повелбата на Обединетите нации. Тој додаде „Целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации се основата на нашата надворешна политика. Вредностите на ОН, заедно со целите на ЕУ и НАТО се срцето на нашиот систем и на значителни активности во нашите меѓународни односи“ – рече амбасадорот Безак.
На самото отворање со обрати и Координаторот на Обединетите нации во Република Македонија, г-ѓа Луиза Винтон која изрази благодарност на Словачката делегација за изложбата и додаде дека е голема чест да се биде претставник на најголемата организација во светот.
Оваа изложба е во организација на Амбасадата на Република Словачка со поддршка на Министерството за надворешни и европски работи и Институтот за историја на Академијата на науките на Република Словачка.