Вонреден инспекциски надзор во Центрите за социјални работи

Министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски на прес конференција информираше дека Министерството за труд и социјална политика во моментов врши вонреден инспекциски надзор во сите Центри за социјални работи низ Република Македонија при што рече дека инспекторите до сега утврдиле голем број на недостатоци во работењето на овие установи.

„На граѓаните не им е одговарано во законски зададениот рок од 60 дена за остварување на правата од социјална заштита. Извештаите од непосредниот увид во семејствата направени од страна на Центрите не ја опишуваат во целост состојбата што дава можност за злоупотреба при доделувањето на овие права. И замислете во дел од предметите не е изготвен наод и мислење на стручен работник што е спротивно на сите процедури”, рече Ташевска-Ременски.

Од септември 2014 година до септември 2015 година бројот на домаќинства кои примаат социјална парична помош се намалил за 6603 домаќинства.

„Ако имаме 6603 домаќинства со минимум 4 лица по домаќинство тогаш бројот е 26 412 лица кои останаа гладни и без егзистенција само заради лошите политики на ВМРО ДПМНЕ, а не поради подобрување на социјалната положба на овие домаќинства. Како што веќе објавивме, по 1400 предмети во жалбена постапка за остварување на правото на социјална парична помош не е решавано од февруари до 15 ноември 2015 година. Овие 1400 предмети се една четвртина од семејствата кои изгубиле право на социјална парична помош”, рече министерката за труд и социјална политика.

Исто така, Ташевска-Ременски рече дека претходниот министер за труд и социјална политика, спротивно на неговата законска обврска не донел решение по жалба за 1400 семејства кои го изгубиле правото на социјална парична помош.

„Претходниот министер за труд и социјална политика одлучувањето по овие жалби, несовесно знаејќи дека го прекршува Законот, го пренел на службеник на пробна работа во Министерството за труд и социјална политика кој нема право да одлучува и решава по барања во управна постапка. Овој службеник селективно решавал за судбините на овие семејства”, рече на прес конференцијата министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски при што информираше дека Министерството пристапило кон ревидирање на под законските акти на Законот за социјална заштита кои го уредуваат начинот на добивање и губење на правото на социјална парична помош со цел олеснување на пристапот до социјална парична помош на граѓаните на Република Македонија.

Исто така, таа потсети дека со цел овие состојби да бидат констатирани и од надлежен инспекциски орган уште на 18 ноември поднела барање за постапување до Државниот управен инспекторат и изрази очекување инспекторат да постапи со истата експедитивност како што постапи по анонимна претставка на граѓани по дезинформациите во медиумите.

Ташевска-Ременски рече дека ќе бидат искористени сите законски можности и постапки за утврдување на одговорност за не постапувањето по жалбите и постапувањата спротивно на овластувањата.