Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, присуствуваа на шестиот Конгрес на Самостојниот синдикат за образование наука и култура. Министерството за образование и наука и СОНК се долгогодишни партнери, и се што работиме е во насока на подобрување на образовниот процес во сите негови сегменти, истакна во оваа пригода Адеми.
„До сите заеднички ставови сме дошле благодарение на постојаните средби, на кои сме наоѓале заеднички решенија кои оделе во насока на подобрување на условите за работа на наставниците, професорите и пред се на учениците. На средбите, преку дебати ги усогласуваме ставовите за сите реформи во образованието, почнувајќи од основното, средното и високото образование. Заложбите на министерството за подoбра образовна политика, биле поддржани од луѓето чија основна и примарна цел е пренесување на своето знаење на учениците“, рече Адеми.
Адеми потенцираше дека партнерството меѓу МОН и СОНК се гради и врз основа на социјалниот дијалог, и меѓусебното разбирање за проблемите со кои се соочуваат во секојдневното работење.
„До сега сме постигнале многу во насока на подобрување на социјалниот дијалог меѓу двете страни. Но сакам да потенцирам дека ќе продолжиме да работиме на подобрување на оваа сфера, бидејќи секогаш има простор за донесување на нови и подобри решенија“, рече Адеми.
Образованието е процес кој постојано се развива, подобрува, усовршува. Наша заедничка задача е да одиме во чекор со сите новини, додаде министерот за образование и наука.
„Очекувам дека денеска ќе се развие конструктивна дискусија и дека заедно повторно ќе дојдеме до подобри решенија кои ќе им ја олеснат работата на сите кои се вклучени во воспитно образовната дејност. Исто така очекуваме успешен избор на новото раководство на СОНК, и убеден сум дека и понатаму ќе продолжиме да соработуваме како и до сега“, рече Адеми.