Волшебната елка на желби им ги исполни желбите на 80-тина дечиња

Министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски беше дел од традиционалниот Новогодишен настан Волшебна елка на желби којшто Црвениот крст на Град Скопје го организираат за децата сместени во загрижувачките семејства на територија на град Скопје.

Секој треба да се чувствува среќно за новогодишните празници! Ова е идејата водилка на настанот кој е во заедничка соработка на Рамстор Мол и ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје, а подржан од А.Д Комерцијална банка.

На 80-тина дечиња без родители и без родителска грижа сместени во згрижувачки семејства Волшебната елка на желби со помош на хуманите граѓани им ги исполни желбите. Во присуство на донаторите, пријателите на оваа хумана активност, старателите и волонтерите на Црвен крст секое дете го доби посакуваниот подарок којшто претходно го запишаа на елката која што беше поставена во Рамстор Мол. Покрај ова дечињата ги добија и своите новогодишни пакетчиња коишто им ги подели министерката Ташевска-Ременски.

Секое дете верува дека Дедо Мраз ги исполнува нивните желби и дека во Новата година желбите стануваат реалност. За оваа реалност и оваа година се погрижија хуманите граѓани кои помогнаа во оставарување на детските соништа.

Инаку, на територијата на град Скопје има 54 загрижувачки семејства коишто во моментов згрижуваат 90 деца. На територијата на Република Македонија, пак има вкупно 179 згрижувачки семејства во кои топол дом наоѓаат вкупно 295 деца без родители и родителска грижа.

Сместувањето во згрижувачко семејство е вонинституционална форма на заштита која што му овозможува на детето креирање на безбедна сегашност и планирана иднина. Согласно со Законот за социјална заштита постојат општо, специјализирано, интервентно и привремено згрижување, а во едно згрижувачко семејство можат да бидат згрижени најмногу 5 деца без родители и дете без родителска грижа.

30.12_ramstor_cont1