Петтата по ред расправа за ревидираната Стратешка оцена на животната средина (СОЖС) која се одржа на 4. јануари 2016 г. (понеделник) во просториите на ЈУНП Галичица претставуваше директно и дрско прекршување на Архуската конвенција. Оваа Конвенција е меѓународен документ кој на граѓаните им гарантира пристап до информации, пристап до правда и нивно ефикасно и делотворно вклучување во донесувањето на одлуките во доменот на животната средина.Конвенцијата беше прекршена со времето избрано за одржување на расправата (среде празници), со јавната (не)достапност на потребните документи за нејзино одржување и со вклучувањето на јавноста„колку да се рече“. Досегашното искуство ни покажа дека вољата на јавноста никако не влијаеврз текстот, напротив, текстот на стратешката оцена со секоја наредна измена сè повеќе се извитоперува во корист на штетните проекти, наместо да биде обратно – проектите да се кројат врз основа на тоа што го дозволува природата заштитена со бројни меѓународни закони и конвенции. Овој „демократски процес“ уште еднаш покажа колку носителите на одлуки во Македонија воопшто не се обѕрнуваат на мислењето на јавноста и колку не почитуваат никакви закони ниту начела кога се работи за спроведување на своите интереси. Или да појасниме – организирање на јавна расправа за судбината на нашето единствено светски признато богатство во период на празници е исто како тајно сечење на дрвја низ целата република во два часот по полноќ.
На самата расправа не присуствуваа лица од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) кои ќе го финансираат проектот, што значеше дека прашањата наменети за нив останаа неодговорени, а добар дел од прашањата наменети за присутните говорници, особено за консултантот од Цитрус и партнери, Светозар Петковски, беа одговорени или со кревање раменици или одговорот значеше менување на темата и манипулирање со јавно достапни податоци.Би сакале да нагласиме и дека веќе пет месеци чекаме одговор од институциите на официјалните коментари кои ги поднесовме по претходните верзии од СОЖС презентирани на претходните јавни расправи.
Текстот на ревидираната СОЖС содржи повеќе небулози, меѓу кои и тн. методологија со off-set measures with no net loss(мерки за неутрализирање на штетните влијанија врз природата без нето загуби) или во превод,флората и фауната што ќе се уништат во границите на Паркот ќе се надоместат некаде надвор од неговите граници каде било на територијата на РМ. Во СОЖС како позитивен пример за компанија што ја има спроведувано оваа методологија е даденаРио Тинто – корпорација озлогласена по предизвикување еколошки катастрофи, услови за работниците што се граничат со ропство и соработка со фашистички режими.
Во Паркот се препознаени 140 ендемски животински и растителни видови.Имајќи предвид дека Македонија нема никакво искуство со мерки за неутрализирање на штетни влијанија врз природата, да се очекува дека ние ќе смислиме соодветна методологија за неутрализирање штетни влијанија врз ендемски видови е како да очекуваме врба да роди грозје.
„Охрид нема стратегија за туризам, на која основа тогаш се прави проект според моделот на масовен туризам? Дали градењето на патот ќе повлече дополнителна штетна инфраструктура и ќе отвори Пандорина кутија за Националниот парк? Како е можно ЕБОР како финансиер на проектот да најмува консултантска куќа за да ја изработи СОЖС без тоа да претставува конфликт на интереси? Зошто во СОЖС не е земено предвид кумулативното влијание врз двете езера и ерозијата на земјиштето во населените места во близина на локациите предвидени за реализација на проектите?“ и „Кого треба да го подмитиме за да ја оставите Галичица на мир?“беа само дел од прашањата кои јавноста ги постави за време на расправата.„Со еден ваков мегаломански проект за узурпирање, асфалтирање и бетонирање во Националниот парк, природно богатство заштитено под УНЕСКО во момент кога велосипедскиот и планинскиот туризам бележат огромен пораст во последните три години, неповратно ќе се одвратат туристите и ќе нè избришат од потенцијална дестинација за ваквите типови на туризам. Клубот би останал без финансии за основно функционирање односно полека, но сигурно ќе замре“, изреволтирано реагираше Јован Јованоски од велосипедскиот клуб „Еко-Дром“, петкратен балкански шампион во велосипедизам со шесто место на Младинската Олимпијада во Кина.
Искуството од последните две години и нашето секојдневно присуство на Галичица покажуваат дека теренот на трасата за експресниот пат подолг период се подготвува со сечење на шумата. И самите одговорни од НП Галичица на јавната расправа потврдија дека НП се финансира од сечење на шума што доведува до заклучокот дека последните две-три години вработените во НП Галичица земаат плата од пробивање на трасата на којашто треба да се гради експресниот пат. Со последното наше архивирање на терен на делови од трасата предвидена за експресниот пат констатиравме страшни промени во состојбата на шумата во паркот. Од приложените фотографии може да се види огромна површина со расфрлени парцели со голосек што не е својствено за национален парк.На јавната расправа институциите изјавија дека експресниот пат е во напредна фаза од реализација иако самата документација за негово легално градење е нецелосна. Потсетуваме, од Охрид до Св. Стефан веќе постои автопат, така што која е логиката тука да се гради нова делница со пониска категорија? Експресниот пат е долг 25 километри со само два вештачки премина за животинскиот свет кој за единствен извор на вода го има езерото и само три премина за локалното население и туристите-вљубеници во планината што ќе значи ограничување и отежнување на нивните секојдневни животни потреби и активности бидејќи ќе биде дозволено движење исклучиво на моторни возила, а ќе биде забрането движење на пешаци, велосипеди и земјоделска механизација. Експресниот пат никако нема да значи растоварување на сообраќајот бидејќи ваквата категорија на пат не дозволува поврзување со локалните патишта до населените места, ниту, пак, ќе придонесе за развој на туризмот,токму од истата причина. Овој пат со еден замав ќе ги поништи долгогодишните напори на туристичките кластери и тур-операторите за in-coming (дојдовен)туризам да ги развиваат и промовираат активниот и авантуристичкиот туризам во овој регион кои веќе години наназад се главен мотив на странските туристи да се враќаат во Охрид. Освен тоа, активниот туризам кој е заснован врз културното и природното богатство и традиционалната гостопримливост, придонесува кон зачувување на природата бидејќи е одржлив, а истовремено го става Охрид на мапата на градови со паметен развој.Многу важно е што Охрид во мај 2016 година е одбран од сите градови во светот да биде домаќин на првиот европски Самит за авантуристички туризам.
Деструктивниот проект предложен и наложен на НП Галичица од страна на владата на РМ подразбира, меѓу другото, и ски-комплекс на потегот од Пештани до Бугарска Чука. Проектот за ски-комплексот со вкупна должина од 14 км и 8 стази од по неколку стотини метри изгледа банално во споредба со скијачките центри низ републикава.За да се изведе скијалиштето потребно е огромна количина вештачки снег, за кој нема лоцирано извор на вода. За задржување на тој вештачки снег потребни се температури од -5 до -2 степени кои на Галичица ги има само неколку дена во годината.Парадоксалниот ски-комплекс е една апсурдна идеја бидејќи тлото на планината е такво што ја впива водата и од таа причина на Галичица нема снег.
Јавноста е едногласна во изјавата дека надлежните и носителите на одлуките во Националниот парк ја злоупотребуваат својата функција и работат неодговорно и непрофесионално во спротивност со законот за основање на Националниот парк Галичица. Самиот закон наложува:создавање услови за развој на туризмот во согласност со принципот на одржлив развој; одржливо користење на природното богатство во интерес на сегашниот и идниот развој, без оштетување на деловите на природата и со што помали нарушувања на природната рамнотежа;поттикнување на научно-истражувачката работа во областа на заштитата на природата во Националниот парк;спречување на штетни активности од физички и правни лица и други нарушувања во Националниот парк, односно обезбедување максимално поволни услови за заштита и развој на природата. Уште пострашно од сево ова е позитивното мислење на Министерството за животна средина и просторно планирање во кое се вели дека немаат никакви забелешки на текстот на СОЖС и потполно се согласуваат со сè што стои таму. Дописот од Министерството го има на следнава врска.
Горенаведените изјави се сумирани од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, туристичкиот кластер ЕДЕН, месната заедница Лагадин, велосипедскиот клуб Еко-Дром, здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“,алпинистичкиот клуб „Патагонија“ и велосипедскиот клуб „Зш Точак“. Нагласуваме дека ќе ги искористиме сите расположливи средства за да го запреме ова лудило што се заканува долгорочно, систематски и неповратно да го уништи единственото светски признато богатство што сме имале среќа да се најде на оваа педа земја наречена Македонија.
Да се каже дека се нема избор е само мизерен изговор – избор секогаш има, единствениот проблем е што да се застане на страната на правдата не е секогаш лесен избор.
Со почит,
Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ
Туристички кластер „ЕДЕН“
Месна заедница Лагадин
Велосипедски клуб „Еко-Дром“
Здружение за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“
Алпинистички клуб „Патагонија“
Велосипедски клуб „Зш Точак“
Центар за истражување и информирање за животната средина “Еко-свест”
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.