На 3 јануари премиерот Груевски соопшти дека ќе поднесе оставка пред 15 јануари за да може да се спроведе Договорот од Пржино.
„Во согласност со договореното, на 15 јануари ќе се избира нова влада со претседател на владата за спроведување избори. Претходно, секако, ќе дадам оставка, а за тоа кој ќе биде човекот што ќе биде претседател на владата за спроведување на изборите, ќе се објави откако ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе одлука. Таа одлука ќе биде јавно промовирана од ВМРО-ДПМНЕ или преку соопштение или преку прес-конференција“, изјави тогаш Груевски.
Ако се почитуваат сите рокови, а Договорот не е баш прецизен бидејќи содржи формулации од типот „во догледно време“ и „ќе поднесе оставка навреме“, премиерот Груевски, заедно со актуелната влада, треба најдоцна утре да си поднесе оставка.
Потоа претседателот Ѓорге Иванов треба мандатот да ѝ го даде на партијата што има добиено најмногу пратеници на последните парламентарни избори, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија, пак, на извршен комитет треба да избере кандидат за премиер кој треба да биде изгласан во Собранието на Република Македонија со просто мнозинство.
И сето ова во 24 часа.
Еве што точно за ова предвидува Договорот од Пржино:
Актуелната Влада ќе ја поднесе својата официјална оставка до Собранието во догледно време, да овозможи новата влада да биде инаугурирана на 15 јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори кои ќе се одржат на 24 април 2016 година.
Извори од СДСМ за „Мета“ изјавија дека нив не ги интересира кога точно Груевски ќе поднесе оставка. Како што велат оттаму, во Договорот од Пржино точно стои дека новата влада треба да биде формирана 100 дена пред да бидат распишани изборите.
„Дали ќе се запазат сите рокови, нас не нè интересира. Дали ќе се искористат сите денови или сè ќе се реши во еден ден, е небитно “– вели нашиот извор.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, рече дека сите рокови предвидени во Договорот од Пржино ќе бидат запазени.
„Ќе се запазат сите рокови затоа што избори мора да има на 24 април за граѓаните да го кажат својот збор“ – вели Котевски.
Извор: meta.mk