Новата „Стратегија за развој на полицијата 2016-2020“, која беше промовирана денеска во Инфоцентарот на Европската унија во Скопје, ќе донесе и нов изглед на униформите на македонските полицајци.
Ова, како една од конкретните цели на новата статегија, на промоцијата го најави тимскиот лидер на проектот, експертот за општо полициско работење, Александар Кребл.
„Нов изглед на униформите на полицијата. Не мислам на драматични промени во овој конктекст, но треба да се грижиме за изгледот на полициските службеници“ – рече Кребл.
Во стратегијата како неопходна е посочена потребата од нов изглед на полициските униформи бидејќи сегашниот изглед и квалитет се под стандардите и предизвикуваат негативни ефекти.
„Сегашните полициски униформи се непрактични и немаат соодветен квалитет. Делумното спроведување на кодексот за професионален изглед предизвикува негативни ефекти кога станува збор за придобивањето почит и доверба. Неопходно е да се промени изгледот на полицијата за да се стекне довербата на граѓаните и да се имлементира позорникарството и концептот на полицијата како сервис на граѓаните“, стои во текстот на „Статегијата за развој на полицијата 2016 – 2020“.
На денешната презентација свои обраќања имаа раководителот на одделот за политички прашања, правда и за внатрешни работи во Делегацијата на ЕУ, Лукаш Холуб, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Андреа Д’Анџело, директор на проектот, и тим-лидерот на проектот, Александар Кребл.
Стратегијата за развој на полицијата ги идентификува потребите и потенцијалите и ги дефинира развојните приоритети на Бирото за јавна безбедност за наредните пет години.
Извор: meta.mk