На тема „Криумчарење и справување со мигранти“, вчера во СВР Охрид се одржа трибина на која покрај полициски службеници од полициската станица и граничната полиција-Регионален центар Запад, присуствуваа државни инспектори за транспорт, регистрирани такси превозници и јавни превозници што вршат јавен превоз на патници од Охрид.
Средбата имаше превентивен и едукативен карактер а со цел зголемување на безбедноста и ефикасна имплементација на одлуката за прифат и транзит низ Република Македонија само на мигранти кои потекнуваат од држави зафатени со воени конфликти и недозволен влез на мигранти од останатите држави. На трибината, претставниците на регистрирани такси превозници и превозниците што вршат јавен превоз на патници од Охрид, беа запознати со одредбите од Законот за азил но и од кривичниот законик за криумчарење мигранти според кој, тој што врбува, превезува, пренесува, купува, продава, засолнува или прифаќа мигранти, ќе се казни со затвор од една до пет години.
Трибината имаше за цел подигнување на јавната свест кај јавните превозници но и кај граѓаните за опасностите од овој криминал, подобрување на нивните способности со поблиско запознавање со начините и методите на делување на мигрантите и криумчарите.
Посебен акцент беше ставен на потребата од превенција на појавните облици на овој вид криминал и интензивирање на меѓусебната соработка за ефикасно сузбивање на криумчарењето мигранти и доследно спроведување на овластивањата на полициските службеници.