Денес и утре експерти од полициите на замјите од т.н Вишеградска група (Словачка, Чешка, Полска и Унгарија), како и експерти од земјите пријатели на групата, Словенија и Србија, се во скрининг посета на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија а во рамки на проектот на Вишеградската група за поддршка на Република Македонија во справувањето со актуелната мигрантска криза. Притоа, главна цел на самата посета, односно мисија, е утврдување на правната рамка за спроведување на проектот, увид во тековната состојба и проценка на потребите.
“Република Македонија, поради својата географска положба се наоѓа во сосема незавидна ситуација предизвикана од незапирливиот бран на бегалци и мигранти кои доаѓаат на нашата јужна граница. Во текот на минатата година, транзит низ Република Македонија остварија преку 720 илјади луѓе“, истакна меѓу другото министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посакувајќи им добредојде во свое и во име на МВР на експертите од посочените земји. Спасовски нагласи дека повеќе од било кога – очигледна е потребата од заедничко дејствување, меѓусебна помош, заложби и непоколеблива, принципиелна соработка.
“Свесни за состојбата која постојано се заканува да ескалира, побаравме помош од пријателите на Македонија. Министерството за внатрешни работи врз основа на билатералните договори за полициска соработка упати барање за помош до повеќе држави, меѓу кои Австрија, Чешка, Хрватска, Словачка, Полска, Србија, Унгарија, Словенија, барајќи поддршка и помош за организирање заеднички операции за засилен надзор на нашата јужна граница“, потенцираше Спасовски. Во тој поглед Спасовски изразувајќи задоволство од досегашниот тек на соработката истакна дека таа досега резултирала со откривање на 858 мигранти кои користеле лажни или фалсификувани документи за да остварат влез во Република Македонија.
Инаку експертите имаa средба и со државниот секретар при МВР, Анастасија Илиеска. а во текот на денешниот ден, тие ќе го посетат Прифатниот центар за мигранти во Гевгелија каде е предвидена дискусија со експертите и евалуација на ситуацијата на теренот.