Откриени царински измами, запленети девизи, оружје, техничка стока, облека, храна, цигари и фалсификати

Минатата недела, царинските службеници открија три случаи на царинска измама и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, орижје, техничка стока, храна и облека, цигари, фалсификати и друго.

Царински измами

Минатата недела откриени се три обиди за избегнување на плаќање на увозни давачки, од кои два обиди за погрешно декларирање на потеклото на стоката и еден обид за погрешно распоредување на стока во царинската тарифа.

Во првиот случај, во царинската испостава Скопје 3, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење разни електрични делови и опрема од испраќач од Данска, при што како доказ за европско потекло приложил уверение за движење ЕУР 1, со цел добивање на преференцијално потекло и царинење со стапка за царински давачки од 0%. При физички преглед на стоката, на производите се пронајдени ознаки ,,Made in P.R. of Chinа“ и поради сомневање дека стоката е со кинеско потекло, изготвен е записник за преференцијално потекло на стоката со износ на избегнати давачки од околу 780 илјади денари, а уверението за движење е испратено на дополнителна проверка.

Во вториот случај, во царинската испостава Битола, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење производ „солена пченка“, со потекло од Европска унија, деклариран во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка на ДДВ од 5%. Поради сомневање во правилното декларирање на стоката, бил извршен физички преглед и земена мостра, што била испратена на проверка во царинската лабораторија. Лабораториските анализи покажале дека производот претставува „пржена солена пченка“, што се распоредува во сосема друга тарифна ознака, со пропишана стапка за царински давачки од 30% и стапка на ДДВ од 5%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 467 илјади денари.

Во третиот случај, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење, во царинската испостава Гевгелија, разни електро-инсталациони производи (заштитни склопки, осигурувачи, приклучници, контактори и лед-панели), при што како доказ за потекло приложил уверение за движење ЕУР1, со цел добивање на преференцијално потекло и царинење со стапка за царински давачки од 0%. При контрола на стоката и приложените документи било утврдено дека дел од производите (приклучници и лед-панели) се со потекло од Кина, поради што е изготвен Записник за потекло, а доказот за потекло бил испратен на дополнителна проверка. По извршената проверка било потврдено дека дел од производите се со потекло од Кина, врз основа на што се пресметани дополнителни увозни давачки во износ од околу 23 илјади денари.
Минатата недела, царинските службеници ја задржаа следната стока:

Девизи

– 24.650 евра, откриени при контрола на српски автомобил и личен претрес на патниците, двајца македонски државјани, пријавени за излез од државата на граничниот премин Блаце. Под предните и задните патосници на возилото, пронајдени се 23.650 евра, сопственост на возачот, а во внатрешен џеб од јакната на совозачот уште 5.000 евра, за кои не поседувале документи за потекло. Согласно законските прописи, на двајцата патници им се вратени по 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 21.650 евра од возачот и 3.000 евра од сопатникот се привремено задржани. Против двајцата патници се изготвени записници за девизни прекршоци.

– 10.000 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил и личен претрес на возачот, македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце-автопат. При извршената контрола, кај возачот се пронајдени 2.000 евра, а во фиоката за документи уште 10.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му се вратени 2.000 евра,, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата. Поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

– 2.000 евра, откриени при личен претрес на двајца македонски државјани кои со бугарски автомобил се пријавиле за излез од државата, на граничниот премин Табановце автопат. На прашање на цринските служабеници, двајцата патници пријавиле дека носат по 2.000 евра, но при извршениот личен претрес, во џеб од панталоните на сопатникот биле пронајдени 4.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло.
Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата. Поведена е соодветна постапка за сторениот прекршок.

Оружје

– 1 гасен пиштол марка EKOL Mod 99 со калибар од 9 mm, откриен од страна на мобилните царински тимови, при контрола на косовски автомобил, управуван од косовски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блаце. Пиштолот е пронајден во фабричка преграда во подот зад возачкото седиште и истиот е привремено задржан. Против возачот е поведена прекршочна постапка.

Автоделови

– 23 употребувани и нови автоделови за патнички и товарни возила, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при контрола на албански камион, управуван од турски државјанин, пријавен за влез во државата, во преградите за алат, во просторот за палети и над креветот во кабината се пронајдени 20 употребувани и нови делови за патнички возила (вретенести вратила, клипови, зглобови за клип, менувач со диференцијал, врата и браник).

Во вториот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, под предните седишта и под тапацирот во багажникот се пронајдени 3 делови за товарни возила (ламела, друг лагер, потисна плоча).
Во двата случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против сторителите ќе бидат поведени соодветни постапки.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 813 играчки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два случаи од страна на мобилните царински тимови.

Во првиот случај, при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 2, пронајдени се 420 кукли со ознаки на заштитени трговски марки, додека во вториот случај, при контрола на стока од испраќач од Бугарија, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 3, пронајдени се 393 колички со ознаки на заштитени трговски марки.

– 360 тоалетни води од 70 mlи 288 тоалетни води од 15 ml со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на македонски камион натоварен со стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.

– 156 јакни со ознаки на заштитена трговска марка, откриени при контрола на текстилни производи од испраќач од Турција, наменети за увозник од Скопје, пријавени за увозно царинење на царинската испостава Скопје 4.

– 14 рачни часовници со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на 14 пратки од испраќачи од Холандија, наменети за физички лица од повеќе градови во државата.

Во сите случаи, поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и согласно законските прописи се поведени постапки за докажување на нивната оригиналност.

Облека и модни додатоци

– 58 пара женски фармерки и панталони, откриени при контрола на косовски автобус, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, се пронајдени во повеќе најлонски кеси позади предните седишта и во багажникот на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

– 37 женски чанти од скај, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Чантите се пронајдени зад предните седишта и во патна торба сместена во багажниот простор и истите се привремено задржани. Против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Друго

– 100 тегли мед од 300 и 350 ml (мед со есенцијални масла и боров мед) и 46 декоративни шишиња од стакло, откриени при контрола на турски автомобил, со кој за влез во државата, на граничниот премин Богородица, се пријавиле двајца сопружници, турски државјани со привремен престој во Австрија. Медот и шишињата се пронајдени во две картонски кутии и патна торба, сместени во багажникот и на задното седиште на возилото. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

– 1 дигитален фотоапарат NIKON D750 со полнач, објектив NIKON 24-70mm F2.8 GAF-S и 1 ранец, откриени при контрола на македонски автомобил со кој за влез во државата, на граничниот премин Табановце автопат, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи сопственост на сопатникот во возилото, се пронајдени во ранец сместен во багажникот на возилото. Истите се привремено задржани, а против прекршителот е поведена соодветна постапка.

– 25 штеки цигари Marlboro Gold и Marlboro RED, без акцизни маркички, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Лондон. Цигарите се привремено задржани а против патникот е поведена прекршочна постапка.