Амбасадорите на ЕУ и евроамбасадорот Аиво Орав денеска во ЕУ-инфоцентарот се сретнаа со специјалната обвинителка Катица Јанева, на која, токму на нејзиниот роденден, ѝ изразиле поддршка за нејзината работа.
„Сите амбасадори од Европската унија во Скопје изразуваат силна поддршка за независноста на специјалниот обвинител Јанева и на нејзината работа“, напиша на „Твитер“ евроамбасадорот Аиво Орав.
http://twitter.com/AmbassadorEU/status/697006086067482624/photo/1
Средбата на Јанева и на амбасадорите не беше најавена, а по средбата не е објавено соопштение, ниту, пак, од Делегацијата на ЕУ откриваат повеќе детали за разговорите. Според објавената фотографија на „Твитер“, на средбата со Јанева, покрај Орав, присутни биле амбасадорите на Германија, Франција, Шпанија, Холандија, Британија, како и на други земји-членки на ЕУ. Јанева вчера се сретна и со Грем Стајлс од британската канцеларија за надворешни работи, на која ѝ беше истакнато дека поддршката од политички партии на работата на Специјалното јавно обвинителство е важна за иднината на Македонија. За средбата извести британскиот амбасадор Чарлс Гарет на „Твитер“.
http://twitter.com/BritAmbCGarrett/status/696745775502647296/photo/1
Специјалната обвинителка минатата недела се сретна со американскиот амбасадор Џес Бејли, а американската делегација во Мисијата на ОБСЕ ги повика владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и другите политички парии да ја поддржат работата на СЈО.
Средбите со претставниците на дипломатскиот кор доаѓаат во период кога против Јанева се покренати вкупно 19 кривични пријави.
Извор: meta.mk