СВР Скопје во два одвоени случаи поднесе кривична пријава против Р.Ѓ.(35) и И.Б.(42), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, а дополнително Р.Ѓ и за кривичното дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Од страна на судии на претходна постапка и на двајцата пријавени им одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.
Во првиот случај, по претходно превземени мерки и активности од страна на полициски службеници утврдено е дека Р.Ѓ во неговиот дом насадил и одгледувал марихуана, која ја препакувал и продавал на уживатели од Скопје. Со наредба од Судија на претходна постапка извршен е претрес во неговиот дом, при што се пронајдени повеќе кеси со поголема количина сушена марихуана, цветови и листови од марихуана, како и една дигитална вага со траги од марихуана. Покрај пронајдената марихуана, во домот на пријавениот пронајдени се и 10 патрони за ловечка пушка, кои пријавениот нелегално ги поседувал по што истиот бил приведен. Р.Ѓ. покрај тоа што бил кривично пријавуван за недозволена трговија со марихуана, евидира во крим евиденцијата на СВР Скопје и како сторител на кривични дела од областа на насилниот криминал и имотните деликти.
Во вториот случај пријавениот И.Б. од засега непознато лице, набавил поголема количина на хероин и мешавина од парацетамол, кофеин и лидокаин, соединение кое на илегалниот пазар најчесто се користи како додаток во некои дроги со цел за зголемување на нивната маса и истите планирал да ги препакува за улична продажба на уживатели од Скопје. Со наредба од Судија на претходна постапка бил извршен претрес во неговиот дом и други простории каде привемено престојувал при што во заедничките простории во подрумскиот дел, до влезот на зградата биле пронајдени и одземени четири паковки со непозната прашкаста материја, една дигитална златарска вага, едно пластично шише и алуминиумска фолија.
По извршеното вештачење било утврдено дека доставената прашкаста материја е наркотична дрога хероин со вкупна нето маса од 282,91 грама и 218,84 грама мешавина од парацетамол, кофеин и лидокаин, додека на шишето, вагата и алуминиумската фолија биле пронајдени траги од хероин и кокаин.
Инаку и И.Б. досега бил кривично пријавуван за недозволена трговија со хероин, недозволена трговија со оружје, со кривични пријави од областа на крвни деликти, насилен криминал и од областа на имотните деликти, за што во временскиот период 1990 до 2012 година му биле поднесени 17 кривични пријави.