Меѓународниот ден на мајчиниот јазик беше прогласен на Генералната конференција на УНЕСКО во ноември 1999 година (30C/62).
На 16 мај, 2007 година, Генералното собрание на Обединетите нации во својата резолуција А/RES/61/266 ги повика земјите-членки „да се промовира зачувувањето и заштитата на сите јазици кои се користат од страна на народите ширум светот“. Со истата резолуција, Генералното собрание ја прогласи 2008 година за Меѓународна година на јазиците, за промоција на единството во различноста и меѓународното разбирање, преку мултилингвизмот и мултикултурализмот.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува секоја година почнувајќи од февруари 2000, за унапредување на јазичната и културната разновидност и мултилингвизмот. Датумот го претставува денот во 1952 година, кога биле убиени студенти од страна на полицијата во Дака, главниот град на денешен Бангладеш. Тие демонстрирале за признавање на нивниот јазик, Бангла, како еден од двата национални јазици на тогашниот Пакистан.
Темата за оваа 2016 година е: Квалитетна едукација, учење јазици и резултати од учењето.
Јазиците се најмоќните инструменти за зачувување и развој на нашето материјално и нематеријално наследство. Сите активности за промоција и ширење на мајчиниот јазик служат не само за да се поттикне јазичната разновидност и повеќејазичното образование, туку, исто така, да се развие целосна свест за јазичните и културните традиции низ светот и да инспирира солидарност базирана врз разбирање, толеранција и дијалог.
WebOhrid