Вчера, Собранието на Република Македонија го усвои Законот за измена и дополнување на Законот за пожарникарство, со кој се решава статусот на професионалните пожарникари. Министерството за одбрана како дел од Владата на Република Македонија ја поднесе оваа иницијатива до Собранието на Република Македонија за измена и дополнување на Законот за пожарникарство со цел решавањето на проблемот на пожарникарите и давање на статус на овластени службени лица на вработените во територијалните противпожарни единици. Пожарникарите согласно измените на Законот се дефинираат како овластени службени лица од областа на безбедноста а поради условите на работа, тежината, опасноста и штетноста по здравјето, согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, стажот на осигурување ќе се смета со зголемено траење односно а секои 12 месеци ефективна работа, ќе се сметаат како 15 месеци стаж на осигурување.
Според Класификацијата на функциите на Владата, пожарникарството припаѓа на функцијата јавен ред и безбедност. Националната класификација на занимања, ажурирана во ноември 2015 година, според Меѓународната стандардна класификација на занимање ISCO-08, со која се обезбедуваат споредливи податоци со земјите -членки на ЕУ и на Меѓународната организација на трудот, исто така ги класификува пожарникарите во истата подгрупа со полицајците во групата II на работни места на службени лица со посебни овластувања, односно лица кои засновале работен однос во институциите на јавниот сектор од областа на безбедноста, одбраната и разузнавањето заради извршување на посебни овластувања.
Легитимациите согласно измените и дополнувањата на Законот, ќе се издаваат од страна на градоначалникот на општината, а со тоа се влијае на подобрувањето на организациската поставеност на противпожарната заштита во насока на олеснување на нејзиното спроведување, а се акцентира значењето на склучување на договор за учество во распределбата на средства за финансирање на противпожарната едница која го покрива подрачјето на општината.