„Борбата против корупцијата не е лесна и едноставна задача. Ние преземавме мерки во процесот на развој на интегритетот – во организациска смисла започнавме со анализа на добрите практики, но и на областите во кои ни треба подобрување. Донесовме План за интегритет, кој е логично продолжување на процесот за себе-проценка. Исто така мораме да работиме и на индивидуално ниво, бидејќи индивидуалниот интегритет е од голема важност за целиот процес. Нашите планови се да собереме басен на експерти кои ќе вршат постојана едукација за интегритет, за цивилниот и воен персонал во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија“.
Тоа го истакна државниот секретар во Министерството, Елизабета Чуповска – Ристова на денешното отворање на Основниот курс за градење на интегритет кој се одржува оваа недела во Скопје, во организација на Британската амбасада и британската Одбранбена академија.
Чуповска – Ристова додаде дека овој курс ќе овозможи учесниците да се стекнат со знаење и практични алатки во борбата против корупцијата. Дополнително, тој претставува одлична можност за развивање на мрежа на лица кои се вклучени во процесот за градење на интегритет.
Курсот за градење интегритет се фокусира на идентификувањето на корупцијата, имплементацијата на антикоруптивните мерки и унапредувањето на транспарентноста во безбедносниот сектор. Преку овој курс се дава можност на размената на идеи и мислења за капацитетите за борба против корупцијата во областа на одбраната и безбедноста. На курсот учество земаат 34 воени и цивилни лица од Македонија, Косово и Албанија, а предавачи се истакнати професори од британската Одбранбена академија.