Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани фалсификати, девизи, картонски кутии за пакување тутун, фунгициди и облека.
Задржана е следната стока:
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 199.584 парчиња тоалетен сапун со ознаки на заштитена трговска марка, откриени при контрола на турски камион пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран, натоварен со стока со потекло од Турција, a наменета за увозник од Албанија. Пазарната вредност на сомнителните сапуни е проценета на околу 4,6 милиони денари.
– 1.800 пара детска долна облека со ознаки на заштитена трговска марка, откриени при контрола на албански камион, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица, натоварен со стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Косово. Пазарната вредност на сомнителната облека се проценува на околу 443 илјади денари.
– 3 рачни часовници и 2 мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на 3 пратки од кои една од Холандија, една од Малезија и една од Сингапур, наменети за физички лица од Скопје, Струмица и Куманово.
Во сите случаи производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи ќе бидат започнати постапки за утврдување на нивната оригиналност.
Девизи
– 7.400 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин кој управувајќи македонски автомобил, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Ќафасан. На прашање на царинските службеници, патникот пријавил дека носи 2.000 евра, но при извршениот личен претрес, во неговиот паричник се пронајдени уште 7.400 евра за кои не поседувал потврда за потекло. Согласно законските прописи, на на патникот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата.
Амбалажа за тутун
– 457 употребувани картонски кутии за пакување на тутун (1.825 кг), откриени при контрола на стока со потекло од Грција, наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија.
Непријавената стока е привремено задржана и поднесено е барање за поведување на прекршочна постапка.
Фунгициди и ножеви за фреза
– 5,5 килограми фунгицид BASFSIGNIM(11 шишиња), 800 ml фунгицид SCORE 25EC (8 шишиња) и 13 ножеви за фреза, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Нерпијавените производи се пронајдени во багажникот и под патосниците на предните седишта на возилото. Производите се привремено задржани а против возачот е поведена прекршочна постапка.
Облека
– 31 парчиња облека, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на српски автобус, што сообраќал на редовна линија Белград – Скопје, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во 12 најлонски кеси, сместени во просторот за вентилација над задните седишта на автобусот, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.