Со владината мерка за вработување млади лица до 29 години, што се реализира веќе две години, досега се отворени 12.020 работни места, во околу 5.500 компани од различни области.
Заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска оцени дека остварената бројка на вработувања е голема и влијаела за намалување на невработеноста кај младите и проширување на дејноста на фирмите. Апелира приватните компании да ги искористат поволностие што се нудат со мерката, чија реализација завршува на 13-ти овој месец.
Со мерката еден плус еден, како што посочи Спасов, се овозможува една година ослободување од плаќање социјални придонеси и персонален данок за младите до 29 години кои ќе бидат вработени, а компаниите имаат обврска да ги задржат на работа уште една година.
„Мерката во голема мера влијеше на намалување на невработеноста кај младите затоа што заклучно со третиот квартал невработенсота изнесува 25,5 проценти и очекуваме да продолжи да се намалува и во наредниот период. Исто така мерката влијаеше и на компаните коишто заштедуваат голем број средства преку искористувањето на поволностите и субвенците од Владата“, изјави Спасов при посетата на текстилната компанија „Итатек“ корисник на владината мерка.
Најголем дел од фирмите што ја искористиле мерката, 4.500, се мали кои имаат до десет вработени, а корисници се и 126 средни и над 26 големи компании. При вработувањата се опфатени сите категории образовен профил, од основно, вишо и високо образование.
„Имаме вработено од сите кадри. Не само во големите градови кои имаат голема апсорпција за вработување, туку и во малите се почувствува проектот за вработување млади до 29 годишна возраст. И во најмалите општини имаме вработувања со проектот и се уште опстојуваат и земаат плата“, изјави директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.
Во наредните десет дена, посочи Поповски, проектот ќе биде уште поинтересен бидејќи завршува можноста за аплицирање. – Голем повик до сите компании во Македонија сите кои сакаат да отворат сопствена фирма и да се вработат, а се во категоријата до 29 годишна возраст, да дојдат во Агенцијата за вработување и да ја земат потребната потврда. Од тој момент ќе бидат регистрирани како лица ослободени од придонеси во тек на година. Дополнително, сите кои сами отвораат фирма ќе можат да искористат и три години ослободување од персонален данок ако претходно немале регистрирано фирма, рече Поповски.
Од компанијата „Итатек“, кои досега преку мерките за ослободување од плаќање социјални придонеси отвориле 93 вработувања, истакнуват дека се задоволни од субвенциите од државата за отворање работни места.
„Ги користиме со поддршка на Центарот за вработување на Град Скопје и вработивме доста луѓе. И вработените се задоволни и ние од поддршката со тоа што ни се намалија трошоците за работењето. Има доста погодности што ги користиме“, изјави Десанка Спасовска, правник во „Итатек“
„Итатек“ и останатите компаниите од текстилната индустрија, според директорката на Центарот за вработување на Град Скопје Слободанка Алесковска, имаат потреба од стручен кадар или кадар кој би сакал да се обучи да работи.
„Треба да се обратат до центрите за вработување, платата покрај минималната за овој сектор достигнува и над 15.000 денари. Навистина имаат можност доколку имаат желба да се вработат и да стекнат и поголеми примања“, изјави Алексовска.