Министерот за надворешни работи на Република Македонија оствари посета на Државата Израел, во чии рамки се сретна со заменик министерот за надворешни работи Тципи Хотовели, положи цвеќе во Меморијалниот центар „Јад Вашем” и се обрати пред Израелскиот совет за надворешна политика и Светскиот еврејски конгрес.
Министерот Попоски го запозна израелскиот заменик министер со соработката помеѓу државните институции на Република Македонија и Еврејската заедница која е на исклучително високо ниво и резултира со низа заеднички иницијативи на планот на сеќавањето, образованието и истражувањето на Холокаустот. Соговорниците разговараа и за одличните билатерални односи помеѓу Република Македонија и Државата Израел, како и за регионалните предизвици.
Во рамки на посетата, во пресрет на Денот на сеќавање на депортацијата на Евреите од Македонија 11-ти март, МНР Попоски, во име на Владата на Република Македонија положи венец во Холот на сеќавањето на Меморијалниот центар „Јад Вашем”.
За време на посетата, МНР Попоски се обрати пред Израелскиот совет за надворешна политика и Светскиот еврејски конгрес на тема „Случувањата на Блискиот Исток и нивната рефлексија во Југоисточна Европа: Македонски погледи“.