Бројот на вработени од 566 илјади во 2006 година сега изнесува 716 илјади. Креирани се нови 150.000 работи места, а само во странските фирми кои работат во Македонија 16.000. Намалувањето на невработеноста останува наша долгорочна цел. Сите политики што ги презеде Владата во таа насока дадоа резултати и тие ќе продолжат и во иднина, а ќе се преземат и дополнителни.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска на прес-конференција во партиското седиште за сработеното во делот на намалување на невработеноста во изминатите 9,5 години.
Намалувањето на невработеноста е тема со која од првиот ден се зафативме уште од 2006 година. Девет и пол години подоцна можам да констатирам во име на ВМРО-ДПМНЕ, како водечка партија во Владата на РМ, дека намалувањето на невработеноста е најголемиот успех на економската политика на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата на РМ и тоа намалување на невработеноста помогна на голем број граѓани, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на прес-конференција во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Посочи дека тоа значи оти во периодот од јуни 2006 до декември 2015 година во РМ се креирани вкупно 150.000 нови работни места, односно дека 150.000 луѓе нашле работа, дека 150.000 луѓе од сабајле одат на работа, исполнет им е денот, се чувствуваат исполнето, вредно како што треба секој човек да се чувствува, достоинствено, примаат плата и можат да го издржуваат сопственото семејство и себеси со тие пари.
„На тие луѓе им е променета иднината, променет им е животот на подобро, тие луѓе можат да прават планови за купување куќа или изградба на куќа, за купување стан, за формирање семејство и сето она што во животот секој од нас сака да го постигне. Тоа е успех којшто за нас, коишто ја водиме економската политика, значи исполнување на онаа цел која што ја имавме уште во 2006, а таа е преку секоја економска мерка, преку секоја политика, преку секоја постапка што ја правиме во рамките на работењето наше, да се стигне до отворање на работни места,“ истакна Ставрески.
Според него, тоа е постигнато преку политиките во делот на даноците, реформи на институции, буџетот, судството, здравството, образованието, комуналната инфраструктура. Крајната цел, смета, е тоа на некој начин да помогне за да се креираат работни места, да се подобри вкупниот амбиент во земјата за креирање нови работни места и да се намали невработеноста, а тоа смета дека 9,5 години подоцна може со право да кажеме дека е постигнато.
Како што истакна, рецептот за тоа да се направи не е тајна, ниту пак има многу начини, едноставно е со многу труд, пот, вложена работа и голем број правилно донесени одлуки во однос на основните економски политики кои беа поставени уште во 2006 година.
„Во 2005 година, некаде во првиот квартал, 38,7 проценти е рекордното ниво на невработеност во РМ кое што беше постигнато за во 2006 година невработеноста да се сведе околу 37 проценти. Од тие 37 проценти денес сме стигнати до рекордно ниска невработеност од 24,6 проценти и тој процес се одвиваше од година во година. Прво во 2013 се проби психолошката бариера, од 30 проценти ја намаливме невработеноста за во последните две години да се спушти на 24,6 проценти. Тоа значи дека само во периодот од последните избори до крајот на 2015 година во РМ се креирани 28.293 нови работни места кои овозможија стапката на невработеност само во овие две години да се намали за речиси 4 процентни поени“, рече Ставрески.
Тој додаде дека најголемиот дел од работните места се креирани во приватниот сектор. – Од 150.000 нови работни места најмногу се креирани во трговијата, 36.828 работни места, во индустријата 25.829, во секторот транспорт, информации и комуникации 25.672 работни места. Во останатите услужни дејности креирани се 12.727 работни места, во дејности во врска со недвижен имот и деловни активности 10.193 работни места, во хотели и ресторани 5.837, во финансиските дејности 5.043 работни места…, потенцира Ставрески.
На прес-конференцијата посветена на невработеноста и вработувањето, рече дека намалувањето на невработеноста не може да се оствари доколку нема економски раст, кој, пак, просечно од 2007 до 2015 година изнесува 3 проценти, а во последните две години, во 2014 година изнесуваше 3,5 проценти, а во 2015 година 3,7 проценти. Потеницра дека овој раст, кој е четврти највисок во Европа, е остварен во период кога во најголем дел од тие 9,5 години имаше светска и европска криза.
Посочи на економските политики кои овозможија економски раст кој пак носи инвестиции, а тие носат работни места.
„Бизнис климата во РМ во 2006, 2005 и претходно не беше добра и од тие причини сите мерки и политики што ги направивме уште во првата програма беа насочени кон нејзино подобрување. Во тој дел можеме да констатираме дека сме оствариле голем резултат со тоа што според сите индикатори што ја мерат бизнис климата РМ има огромен напредок“, рече Ставрески.
Како најклучни мерки ги наведе воведувањето рамен данок, кој овозможи повеќе средства да останат кај фирмите кои ќе ги искористат за инвестиции и нови работни места, буџетот да има повеќе приходи, но и да се реализираат голем број странски инвестиции. Потоа, рече, поддршката што се дава на домашното стопанство преку обезбедување евтини кредити, воведување антикризни мерки во различни области поради светската и европската криза, активните политики и мерки за вработување кои резултираа со речиси 50 илјади работи места, а тука го напомена и проектот „Македонија вработува“ кој креираше 15.200 работни места. Како сегмент кој е значаен за намалување на невработена ја посочи и политиката на привлекување странски инвестиции.
„Од првиот ден кога се зафативме со привлекување странски инвестиции се формираше тимот за привлекување странски инвестиции предводен од премиерот Никола Груевски и сите колеги министри, промотори, амбасадори и слично. Секој во својот дел имаше своја улога и секој во својот дел таа улога добро ја работи. Како резултат на тоа, постепено од година во година, се менуваше перцепцијата на имиџот на РМ и перцепцијата на странските инвеститори за Македонија, што резултираше со 50 странски инвестиции во слободните економски зони кои креираа вкупно 16.000 работни места,“ истакна Ставрески на прес-конференцијата.
Тој додаде дека, врз основа на најавите што ги има, кога ќе се постигне полната бројка само во овие компании ќе има дополнително уште речиси 16.000-17.000 работни места, што значи вкупно некаде 33.000 до 34.000 рботни места ќе бидат директно вработувани во странските фабрики.
Потенцира дека покрај директните странските инвестиции креаираат и индиректни вработувања во домашните компании кои соработуваат со странските фабрики кои се отворени во Македонија.
„Ако странската компанија треба да набави храна за вработените логично е дека некој ја произведува таа храна и со тоа се креираат работни места во земјоделството или трговијата кои ја снабдуваат. Ако им е потребна услуга од правници или консултанти тие ќе земат некоја домашна фирма, а ако треба нешто да се изгради повторно ангажираат домашни фирми и сето тоа создава индиректни вработувања. На тој начин помага да се креираат дополнителни работни места“, рече вицепремиерот Зоран Ставрески.
На прес-кофнернцијата на која говореше за сработеното во изминатите 9,5 години, рече дека значајна политика е и поддршката преку буџетот во кој од година во година има висок износ на капитални инвестиции што значат реализација на инфраструктурни проекти, како изградба на водовод, канализација, локална улица, регионален пат, автопат, мала хидроелектрана, реновирано училиште, изградба на административен објект, болница, капацитети во земјоделството, кои се работа за домашните фирми, што, пак, креира работни места.
Истакна дека во период од 2007 до 2015 година се реализирани капитални инвестиции од буџетот од 174 милијарди денари од кои само во последните две години 54 милијарди денари завршија во македонската економија.
„Тоа е огромна поддршка за домашното стопанство и никогаш претходно немало таква поддршка. Во 2015 година капиталните инвестиции беа 27 милијарди денари од буџетот од државните претпријатија. Тие 27 милијарди денари се три пати повеќе во однос на капиталните инвестиции во 2006 година. Тогаш за капитални инвестиции се одвојуваа 9 милијарди денари. Замислете колкав е растот на капиталните инвестиции и од година во година тоа се повторува и сето тоа овозможува да се рализираат голем број проекти, а голем број проекти значи ангажирање на голем број фирми, а тоа значи голем број работни места“, рече Ставрески и додаде дека тоа се главните економски политики за поволните тенденции во делот на зголемување на вработените од 566 илјади вработени во 2006 година на 716 илјади вработени лица.
Најави дека и понатаму може да се очекува да продолжат овие трендови. – Невработеноста и натаму ќе се намалува. Ќе има креирање работни места и по основ на странски и на домашни инвестиции, но и по основ на ангажман на домашните фирми преку висок износ на капитални инвестиции и преку активните политики за вработување, бидејќи сите тие политики ќе продолжат и понатаму, рече Ставрески. Додаде дека тоа се политики кои даваат резултат и во период на европска и на светска криза и нема причина некој да се сомнева дека ќе дадат уште повеќе резултати во услови кога европската и светската економија се постабилни.
„Тоа значи дека наша долгорочна цел – невработеноста е драстично да се намали и уште повеќе да се намали, бидејќи човек треба да биде реален дека и покрај овој успех, сепак, во РМ има се уште голем број лица кои се без работа и кои очекуваат да дојдат до работно место. И ние сме должни со сето наше знаење и трудот што го вложуваме преку правилни одлуки да им овозможиме да дојдат до тоа работно место,“ рече Ставрески.
Нашето ветување до сите невработени, како што истакна, е дека ќе продолжиме и во иднина со овие мерки и со дополнителни мерки невработеноста во РМ и натаму да се намалува, да се креираат десетици илјади работни места годишно, а со тоа да се подобри и животот на илјадници луѓе во РМ.