Денес во Охрид беше промовирана Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – сите за спорт“ чии основачи се петте спортски здруженија Сојуз на училишен спорт Охрид, Кошаркарски клуб Ѕвезди, Едриличарски клуб Акватика, Велосипедски клуб Екодром и Алпинистички клуб Патагонија.
„За сите нас, ова е еден посебен ден, ден кој со задоволство сите ние го чекавме се со цел да промовираме субјект, тим и визија која ние сме убедени ќе ја збогати и унапреди спортската понуда на Охрид со што ќе бидеме чекор поблиску, верувам до желбата на сите, а тоа е Охрид да постане Спортски град, промовирајќи ги основните вредности на спортот, а тоа е здрав психофизички развој, социјализирање и афирмација на секој поединец како и афирмација на нашиот град.“ – истакна Иван Цветкоски, претседател на Асоцијацијата.
Тимот на Асоцијацијата на спортови се состои од искусни и млади спортски работници, професори по физичка култура, како и граѓани кои во минатото оставиле посебен белег во градот како активисти, подржувачи на спортот и спортските настани.
Целите на Асоцијацијата на спортови се:
- Подигнување на свеста за практикување спорт и здрави животни навики.
- Развој и промовирање на спортот на територија на општина Охрид и Р. Македонија.
- Промоција на градот Охрид како голем спортски центар со особен потенцијал за организирање на големи спортски настани.
- Развој на меѓуградската и меѓународната спортска соработка.
- Развој на спортските активности за децата и младите во склад со законите.
- Развој на спортско – рекреативните активности на граѓаните и лицата со посебни способности во склад со законите.
- Промоција на идејата на олимпизмот, на образовната и воспитна функција на спортот и фер плејот, разбирањето, толеранцијата и одговорноста преку занимавањето со спортот.
- Заштита и промовирање на интересите на спортистите и спортските клубови и организации.
- Реализација на други работи од заеднички интерес во склад со законот.
„Раководејќи се од целите на Асоцијацијата на спортови, ние веќе за 6 април Интернационалниот ден на спортот, го најавуваме првото спортско рекреативно дружење со нашите сограѓани, кое покрај бројните спортски содржини, ќе изобилува и со корисни здравствено-едукативни содржини во пресрет на 7 април, Светскиот ден на здравјето и со многу пријатни изненадувања. Како дел од активностите по повод деновите на спортот и здравјето Асоцијацијата на спортови заедно со алпинистички клуб Патагонија ќе организира ЕХО фестивал. ЕХО фестивалот е фестивал на планински филм кое е тесно поврзан со промоција на спортот и спортските активности во планина.“ – додаде Цветкоски.
Асоцијацијата смета дека спортската рекреација, дружењето и социјализирањето, здравјето, здравиот начин на живот се повеќе е од потреба. Затоа првата активност која ја нуди оваа Асоцијација е наменета за сите граѓани на Охрид, пред се за децата и родителите.
„Надоврзувајќи се на ова ние во иднина ќе подготвиме годишна програма за развој на граѓанската спортска рекреација каде ќе утврдиме минимум 12 рекреативни спортски настани (по еден месечно) од типот, спортски пикник, планинарска тура, спортски фамилијарни игри, игри во вода, недела на движењето, кардио-спортски ден и многу други кои ќе ги понудиме на граѓаните на Охрид. Овие спортски настани ќе бидат во организација на телото за рекреација, здравје и дружење при Асоцијацијата на Спортови.“ – заврши Цветкоски.
Од Асоцијацијата потенцираа дека се отворени за соработка со сите здруженија, кои ги почитуваат целите и задачите на Асоцијацијата.
WebOhrid