Во текот на минатата недела, царинските службеници открија три царински измами и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани возило со бункер, гума за градежна столарија, лед рефлектори, разни употребувани производи, капи и фалсификати.
Царински измами
Во текот на минатата недела откриени се три царински измами, од кои еден обид за внесување на стока за која постои забрана за увоз и два обиди за избегнување на плаќање на увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.
Во царинската испостава Гевгелија е откриен обид за внесување на екстра лесно гориво со помали параметри на обележувачот Solvent yellow 124 (mg/lit) во горивото од потребните според Правилникот за споведување на законот за акцизи.
Увозник од Скопје, со две царински декларации, пријавил за увозно царинење 98.867 кг гасно масло – екстра лесно. Заради проверка на параметрите во сертификатите на декларираното погонско гориво, била земена мостра и испратена на испитување во Царинската лабораторија, каде било утврдено дека содржината на обележувачот во горивото Solvent yellow 124 (mg/lit) во испитаната мостра е 5,5 (mg/lit) што претставува помало количество од законски определениот параметар, кој треба да биде од 6 до 9 mg во литар гориво според Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за споведување на Законот за акцизи.
Според тоа бил направен Записник за утврдени основи за примена на мерки на трговска политика бидејќи ново утврдениот статус на стоката кој подлежи на режим на увоз Д5*(стоки чиј извоз и увоз е забранет) што значи дека предметната стока не смее да биде пуштена во слободен промет, поради што е изготвено решение за враќање на стоката во странство, а против увозникот е изготвена мандатна казна.
Во царинските испостави Гевгелија и Кавадарци се откриени по еден обид за избегнување на плаќање на увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.
Во првиот случај, увозник од Кавадарци пријавил за увозно царинење во царинската испостава Кавадарци, сончеви колектори во расклопена состојба, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. При извршен детален преглед на стоката, царинските службеници утврдиле дека производите треба да се распоредат во друга тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 33 илјади денари, а против увозникот е поведена прекршочна постапка со мандатна казна.
Во вториот случај, увозник од Тетово, пријавил за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија, павлака распоредена во тарифна ознака со царинска стапка од 0% и стапка за ДДВ од 5%. При контрола на документите и стоката, царинските службеници забележале разлика во наведените состојки на производот и приложениот сертификат, поради што била земена мостра и испратена на испитување во Царинската лабораторија.Резултатите од испитувањето покажале дека производот треба да се распореди во друга тарифна ознака, за која се пропишани стапка за царински давачки од 20% и стапка за ДДВ од 5%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 16 илјади денари, а против увозникот е поведена прекршочна постапка со мандатна казна.
Покрај тоа, задржана е следната стока:
Возило со бункер
Мобилните царински тимови привремено задржаа едно патничко возило со специјално конструиран бункер.
На 24.03.2016 година, на граничниот премин Табановце автопат, за излез од државата се пријавил албански автомобил, управуван од албански државјанин. При детална контрола на возилото, мобилните царински тимови откриле специјално конструиран бункер за криумчарење на недозволена стока, сместен во багажниот простор, поточно од делот за резервна гума до задниот браник. Возилото е привремено задржано а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Гума за градежна столарија и разни употребувани производи
– 1.060 метри бела и црна гума за градежна столарија, откриени при контрола на бугарски автомобил, управувано од бугарски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавената гума, пронајдена во картонски кутии, сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
– 38 разни употребувани производи (велосипеди, теписи, пернички, гуми, радијатор, трвокосачка, пегла, фен, правосмукалка и др.), 44 килограми боја за метал, 30 метри употребуван кабел и 1 пар употребувани чизми, откриени при контрола на стока со потекло од Швајцарија, наменета за физичко лице од Василево, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Струмица.
Непријавената стока е привремено задржана а против увозникот е изготвен записник за царински прекршок.
Техничка стока
– 7 лед рефлектори марка DUMONDALEDMF120125-NW, откриени при контрола на швајцарски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во просторот наменет за резервно тркало, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Облека
– 375 традиционални волнени капи, откриени при контрола на празно српско комбе, управувано од косовски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените капи се пронајдени зад и под седиштата, во кабината на возилото, покриени со кеси и ќебиња. Капите се привремено задржани а против возачот е поведена прекршочна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 2 рачни часовници и 1 мобилен телефон со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на 3 пратки, од кои 2 од Холандија и 1 од Сингапур, наменети за физички лица од Скопје, Тетово и Злетово.
Производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи Царинската управа ќе поведе постапки за утврдување на нивната оригиналност.