Јолевски – Доскоцил: Соработката меѓу Македонија и Австрија на одлично ниво

Билатералната соработка во одбраната, начините за нејзино унапредување, предизвиците од мигрантската криза, особено за земјите на т.н. Балканска рута, како и потребата за одржување на високо ниво на координација и размена на информации беа темите на кои денеска во Министерството за одбрана разговараа министерот Зоран Јолевски и неговиот австриски колега, Ханс Петер Доскоцил, кој престојува во еднодневна посета на Република Македонија.

Министерот Јолевски посочи дека во рамките на разговорите, уште еднаш беше потврдена стратегиската цел за членство на Македонија во Европската Унија и НАТО. Воедно, стана збор и за предизвиците од мигрантската криза, особено за земјите на т.н. балканска рута, при што министерот изрази задоволство од досегашната координација и изрази уверување дека таа ќе продолжи и во иднина. Јолевски додаде дека Република Македонија внимателно ја следи состојбата со мигрантската криза и дека има стратегија за справување со истата. Оваа стратегија, посочи министерот, е координирана и со партнерите од Европската Унија.

Во тој контекст, министерот рече дека како резултат на состанокот во Виена и посетите на австрискиот министер на Македонија и на Грција, ќе биде подготвен заеднички документ кој ќе биде претставен на Советот на министри за одбрана следната недела. „Имајќи го тоа предвид, Македонија уште еднаш се докажа како партнер на кого Европската Унија може да смета кога се соочува со безбедносни предизвици“, истакна министерот Јолевски.

На прашањето дали се очекува ескалација на состојбата на границата ако Грција го затвори кампот Идомени, министерот Јолевски одговори дека мигрантската криза придонесе за зајакнување на контактите и соработката со Грција. „Добро е мигрантите кои се во Идомени да се префрлат во камп каде што има подобри услови за нивен престој и сигурен сум дека грчките власти тоа соодветно ќе го направат“, рече министерот и додаде дека кризата се која се соочуваме е толку голема што упатува на соработка и ниту една земја која е на т.н. Балканска рута, не може самата да ја реши.

„Македонија има водечка улога во обезбедувањето на границите, не само на т.н.Балканска рута за мигрантската криза, туку и во врска со Австрија и со Германија”, нагласи австрискиот министер за одбрана и спорт Ханс Петер Доскоцил.

Министерот Доскоцил порача дека не треба да ги затвораме очите пред можните терористички закани и повика на поинтензивна соработка на билалтерално и на мултилатерално ниво, како и на институционална соработка за справување со ова прашање. „Се согласивме дека во рамки на поширокиот Балкански регион постојат тенденции за радикализација и треба поинтензивно да работиме во врска со таа тема, не само на ниво на соработка на институциите, туку и со размена на информации во рамки на тие институции. Јас тука јасно препознавам подготвеност за соработка и во таа смисла сакам да изразам голема благодарност“, рече Доскоцил.

На денешната прес-конференција беше презентиран еден од 15-те визири за ноќно набљудување, кои Австрија ќе и ги донира на АРМ. Во рамки на посетата на Република Македонија, министерот Доскоцил го посети и Полкот за специјални операции во скопската касарна „Илинден“ каде беше извршена и показна вежба, како и тактичко-технички збор.