Зошто да го запишете Вашето дете во ОУ „Св.Климент Охридски“?
Затоа што нашето училиште е единствено во градот кое има изготвено Правилник за писмено проверување, според кој секој родител писмено се известува за писменото проверување на своето дете по сите предмети, најмалку три недели пред тоа да се спроведе. Родителите секогаш знаат за: точниот датум, темите кои ќе се оценуваат, како и дека не можат да се спроведат повеќе од две писмени работи во една недела. Тоа нуди можност секој родител, во секој момент, да знае по кој предмет, во кој ден и на која тема писмено ќе се проверува неговото дете. Ние сакаме успех, сакаме и да го постигнеме. Знаењата на учениците се нашата цел.
Единствено во градот кое работи во една смена во претпладневните часови, што нуди многу предности. Дури родителите се на работа, нивните деца во исто време се во училиштето. Тоа е желба на многу родители кои поладневните часови ќе ги поминат со своите најмили.
Единствено во градот во кое хигиената е на највисоко ниво, чисти тоалети, ходници, училници. Хигиената е наш најголем пријател, а правот и нечистотијата кај нас не наоѓаат место. Болестите не се шират зашто задолжително се мијат рацете со сапин и средства за дезинфекција. За тоа се грижат сите вработени и сите ученици.
Единствено во градот оценето со највисоки оценки. Тое е сон на секој наставник и вработен во училиштето. Да бидеш најдобар во тоа што го работиш е најдобрата остварена цел на секој работник.
Единствено кое ги стимулира најдобрите ученици како награда да одат во земјите во Европа бидејќи е член на УНЕСКО училишта. Во ова семејство на училишта нашето училиште е неколкугодишен член. Нашите ученици одат во посета вон државата, во Австрија, Италија, Словенија и се учесници на УНЕСКО кампови.
Единствено кое е најбезбедно во градот, одделено од сообраќајниот метеж. Тоа го дозволува местоположбата да се наоѓа како оаза на Охридското Кале, со прекрасен поглед кон езерото.
Единствено во кое продолжниот престој работи до 17 часот со обезбеден топол оброк. Децата се згрижени, со наставници ги изработуваат своите домашни активности, играат разни игри или се шетаат во прекрасната околина. Со тоа останува повеќе време детето да ужива во прегратите на своите родители, а сепак да биде подготвено за наредниот училиштен ден.
Единствено кое располага со висока опременост на училниците со обезбедени средства за работа во тренд на употреба на технологија. Секој наставник има свој кабинет опремен со компјутери, има можност да користи и современи технички средства за работа. Со тоа го следиме модерниот развој на училиштата во светот.
Единствено во кое се поддржува иницијативата на учениците и родителите кои се директно вклучени во креирањето на училишната политика.