Организаторите на меѓународната конференција за авантуристички туризам AdventureNEXT Balkans што ќе се одржи од 10-12 мај во Охрид и на која преку 300 светски лидери и експерти во областа на туризмот ќе ги истражуваат и запознаат авантуристичките туристичките потенцијали и убавини на Македонија и Охрид, особено внимание посветија за грижа за безбедноста на учесниците на овој настан. Во тие рамки довербата е укажана на Црвен крст Охрид, кој го изработи планот за управување со безбедноста (Safety management plan) и ќе биде подготвен со своите искусни тимови за спасување на планина и непристапни терени, да делува во случај на потреба и се координира со останатите надлежни институции и субјекти. Особен акцент ќе се стави на безбедноста на учесниците на „Авантуристичкиот ден“ (10 мај) какот дел од еднодневните авантуристички тури на различни локации на планината Галичица, во околината на Охрид и Вевчани.
Во рамките на подготовките за одржување на овој настан, Црвен крст Охрид ќе изведе показна вежба за извлекување и спасување на повреден турист на непристапен терен, на патот кај село Елшани, која ќе се реализира во сабота, 07 мај со почеток во 11:30 часот. Овој настан е во координација со акцијата за чистење организиран од Go Green, Грашница, Ајде Македонија, а поддржан од ИМЕ програмата.