Шеста година по ред Министерството за образование и наука доделува стипендии за сите студенти коишто ќе се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на еден од најдобрите 100 универзитети во светот според рангирањето на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет, во областа на техничките науки, архитектура, градежништвото, математиката, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, генетиката, правните науки и меѓународното право.
На денешната прес конференција заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски информираше дека конкурсот за годинава е веќе во тек и дека досега се пристигнати 15тина апликации.
„Крајниот рок за аплицирање е 1 септември 2016 година. Апелирам до сите заинтересирани, кои планираат да се запишат на некој од топ 100 светските универзитети и ќе успеат во тоа, да го разгледаат конкурсот кој може да се најде на stipendii.mon.gov.mk, да ги соберат потребните документи, да аплицираат и да ја искористат оваа можност која токму нашата земја ја нуди како единствена помеѓу сите останати во регионот“, рече Ристовски потенцирајќи дека досега стипендија добиле 170тина македонски граѓани, што е потврда дека македонските студенти конкурираат и успешно се запишуваат на најдобрите светски универзитети.
Услов за добивање на овој вид стипендија е кандидатот да е државјанин на Република Македонија. Да не е корисник на стипендија од друг давател, да има постигнато одреден успех во текот на претходното образование и да е примен на студии на некој од најдобрите 100 универзитети во светот, за што, доставува соодветна потврда до министерството.
Износот на стипендијата зависи од земјата и универзитетот на кој кандидатот се запишал и го покрива трошокот за уписнина најмногу до 40.000 американски долари на годишно ниво, месечен паричен надомест и трошоците за превоз. По завршувањето на студиите, кандидатите согласно потпишаниот договор имаат обврска да се вратат во Република Македонија и да работат во јавниот или приватниот сектор најмалку двојно поголем период од периодот на студирање.