Меѓународниот ден на семејството се одбележува на 15 мај секоја година. Денот беше прогласен од страна на Генералното собрание на ОН во 1993 година со резолуцијата A/RES/47/237 и ја одразува важноста што меѓународната заедница им ја дава на семејствата. Меѓународниот ден дава можност да се промовира свесноста за прашањата кои се однесуваат на семејствата и да се зголеми знаењето за социјалните, економските и демографските процеси кои влијаат врз семејствата.
Темата за оваа година е: „Семејства, здрав живот и одржлива иднина“.
Меѓународниот ден на семејството инспирира серија настани за подигнување на свеста, вклучувајќи ги и националните денови на семејството. Во многу земји, денот дава можност да се потенцираат различни области на интерес и значење за семејствата. Активностите вклучуваат работилници и конференции, радио и телевизиски програми, статии во весници и културни програми кои ги истакнуваат релевантните теми.
Главните цели на Агендата 2030 за одржлив развој се фокусирани за ставање крај на сиромаштијата, промовирање на заедничкиот економски просперитет, социјалниот развој и благосостојбата на луѓето и заштитата на животната средина. Семејствата останауваат во центарот на општествениот живот, обезбедувајќи благосостојба на своите членови, едукација и дружење на децата и младите, како и грижата за младите и старите. Семејствата можат да придонесат за постигнување на целите за одржлив развој, да се справат со сиромаштија и глад; да обезбедат здрав живот и да промовираат благосостојба за сите возрасти; да обезбедат образовни можности во текот на животниот век и да се залагаат за постигнување на родова рамноправност.
WebOhrid