ОУ „Христо Узунов“ во организација на Асоцијацијата за спортови, „Спорт за сите, сите за Спорт“ и сесрдна помош на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), денес одржа Олимписки ден на спортските терени и во дворот на училиштето. Учениците се натпреварува во девет спортски дисциплини, а манифестацијата беше збогатена и со инвентивна уметничко сценска програма.
„Континуираното инвестирање во спортот, во спортската инфраструктура, во поединците веќе вродува со плод, за кое што лично можам да кажам дека сум многу горд. Охрид живее во духот на спортот. Инвестирањето во повеќенаменските игралишта низ целата територија во Охрид се покажа како исправна одлука, бидејќи ги живнаа малските спортови кои пак се првата средба на најмладите со спортот. Поддршката која Локалната самоуправа ја дава на спортските тимови е повеќе од оправдана. Оваа сезона на општо задоволство имаме можност да гледаме врвен ракомет, каде за прв пат охридски клуб е дел од завршница, а по се изгледа дека од година охридските ракометари ќе ни овозможат да следиме и меѓународни спортски натпревари. Но, ова не е се што општината го прави за спортот. Тука е спортската едукација каде преку најразлични проекти, настани и манифестации, се трудиме да ја подигнеме спортската култура, бидејќи спортот како никоја дејност, ги учи младите на здрав живот, истрајност и најважното – фер натпреварување. Младите преку спортот имаат можност да научат што претставува тимски дух, да научат како да се справат со поразот за подоцна да знаат искрено и вистински да се радуваат и да ја ценат победата. Дозволете ми во оваа прилика, од мое лично име, од името на Охрид и охриѓани, на охридската претставничка на претстојната Олимпијада, Нина Балабан, да и посакам успех за кој сите веруваме дека ќе го постигне. Биди сигурна и уверена во себе, имај на ум дека сите ние, твоите сограѓани стоиме со тебе, покажи му на светот што значи да потекнуваш од древниот Охрид, од каде потекнуваат голем број успешни луѓе во сите сфери на животот. Исто така и на останатите учесници на Олимпијадата им посакувам среќа и успех и да не израдуваат со добри резултати.“ – истакна градоначалникот Никола Бакрачески во своето обраќање пред младите спортисти.
Претседателот на МОК, д-р Васил Тупурковски ги пофали организаторите, споредувајќи го овој олимписки ден со престојната олимпијада во Рио.
„На последниот ден од секои Олимписки игри првиот човек на Олимпскиот комитет ги оценува како најдобри и најдобро организирани игри до тогаш. Јас како прв човек на МОК ја имам таа чест да го прогласам овој Олимписки ден за најдобар, најспектакуларен и најдобро одржан некогаш во Македонија. Со учество на ваков ден учениците на Христо Узунов се дел од Олимпијадата која најголемиот спортски настан во светски рамки. Убавите впечатоци од Охрид ќе ги пренесам прво во МОК, а потоа во центарлниот комитет. Уште една им благодарам на охриѓани за маестрално организираниот Олимписки ден.“ – рече Тупурковски.
На официјалното претставување, охридската олимпијка Нина Балабан, беше поздравена со овации.
„Најпрво да им се заблогадарам на моите сограѓани за пречекот кои ми го приредија. Нема поубаво чувство да се биде потврден Олимпиец, но исто нема и да се биде дел од вакви настани каде можат многу дечиња да се видат насмеани и среќни.“ – истакна Балабан.
Од асоцијацијата „Спорт за сите, сите за Спорт“ најавија слични спортски содржини во текот на летниот период.