Денес во „Порта Македонија“ со свечена академија беше одбележана 10-годишнината од постоењето на единствената национална институција која ексклузивно се занимава со воената историја на Македонија, Воениот музеј.
Министерот за одбрана на Република Македонија, пред големиот број гости, посочи дека станува збор за специјализиран национален музеј со експонати, примероци од старо оружје кои датираат од антиката до денес.
„Министерството за одбрана со формирањето на Воениот музеј пред 10 години создаде основни услови за освежување и збогатување на индивидуалното и колективното паметење на нашето воено минато, за сегашноста и иднината“, додаде министерот Јолевски. Така, рече министерот, Воениот музеј се развива како извор на патриотизмот, на живеењето на различни етнички заедници и религии, на заедничката борба за слобода и создавање на независна и самостојна Република Македонија.
„На почетокот кога се формираше Воениот музеј имавме 76 сопствени музејски експонати. На прв поглед мала бројка, но имајќи ја предвид природата и описот на експонатите имавме уникатна збирка што претходно не беше регистрирана во музејската дејност во Република Македонија“, рече во своето обраќање директорот на Воениот музеј, Александар Стојчев. Тој посочи дека Воениот музеј од 2011 година е членка на Меѓународната мрежа на музеите за мирот со седиште во Хаг. Музејот, рече, е единствена институција од Балканот која е членка на оваа респектабилна мрежа каде се споделуваат идеи и музејски активности за поддршка на мирот.
Воениот музеј е основан 2006 година со основна функција да открива, собира, истражува, подготвува и изложува елементи на културното наследство на Република Македонија од областа на воената историја. Музејот поседува оружје, воена опрема, воено-технички средства, воени знамиња, воена ликовна документација (фотографии, скици, скулптури), документи и карти, а го истражува и документира развојот на производството на оружјето и воената вештина. Денес, во фондот на Воениот музеј има над 3.000 предмети, околу 5.000 книги и бројна архивска документација.