Откриени мигранти и запленети наркотици, девизи, цигари, техничка стока и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија мигранти и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани наркотици, девизи, цигари, тутун, автомобил со бункер, регистарски таблички, воздушна пушка, техничка стока и друго.
Задржана е следната стока:

НАРКОТИЦИ

– 64 грама марихуана, 20 таблети матамфетамин и 7 грама масло од канабис, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица, управуван од македонски државјанин, кој бил придружуван од двајца други македонски државјани. При извршениот детален преглед на возилото и личен претрес на возачот и двајцата сопатници, во внатрешниот џеб од јакната на возачот биле пронајдени 51 грам марихуана и 20 таблети метамфетамин, во предниот десен џеб од фармерките на едниот сопатник биле пронајдени 13 грама марихуана, а во багажот на вториот сопатник пронајден е шприц со 7 грама масло од канабис. Целокупната изготвена документација и лицата се предадени на Министерството за внатрешни работи за негово понатамошно постапување.

Девизи

– 16.900 швајцарски франци, откриени при контрола на автобус со македонски регистарски ознаки, кој сообраќал на редовната линија Берлин – Тетово и бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, а бил управуван од македонски државјанин. При личен претрес на возачот на автобусот, во неговата рачна торба се пронајдени 25.900 швајцарски франци и 2.070 евра, од кои, согласно законските прописи, му биле вратени 2.070 евра и 9.000 швајцарски франци, износ што резидент може слободно да го внесе во државата, додека останатите 16.900 швајцарски франци се привремено задржани. Против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 7.200 евра, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат, управуван од македонски државјанин, при што како сопатник се јавува друг македонски државјанин. При личен претрес на возачот, во бело плико сместено во џебот на фармерките се пронајдени 6.200 евра, од кои, согласно законските прописи, му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека останатите 4.200 евра се привремено задржани, додека при личен претрес на сопатникот, во задниот џеб на фармерките се пронајдени 5.000 евра, од кои, согласно законските прописи, му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека останатите 3.000 евра се привремено задржани. Против возачот и сопатникот ќе бидат поведени соодветни постапки.

– 3.000 евра, откриени при контрола на автомобил со српски регистарски ознаки, пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица, управуван од македонски државјанин, при што како сопатник се јавува друг македонски државјанин. При личен претрес на сопатникот, во задниот џеб од пантолоните се пронајдени 5.000 евра, од кои, согласно законските прописи, му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека останатите 3.000 евра се привремено задржани. Против сопатникот ќе биде поведена соодветна постапка.

Цигари и тутун

– 5.320 парчиња цигари марка RODEO со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на автобус со македонски регистарски ознаки, кој сообраќал на редовната линија Делчево – Dogliani, Италија и бил пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат, а бил управуван од македонски државјанин. Непријавените цигари биле пронајдени во две патни торби и еден куфер, сопственост на патничка во автобусот, а биле сместени под седиштата во внатрешноста на автобусот. Цигарите се привремено задржани, а против патничката е поведена прекршочна постапка.

– 17.460 парчиња цигари марка WEST SILVER, WEST RED, MARLBORO GOLD, MARLBORO RED, WINSTON BLUE, WINSTON CLASSIC, RODEO BLUE, RODEO SLIMS BLUE и RODEO GOLD со македонски акцизни маркички, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автобус со македонски регистарски ознаки, кој сообраќал на редовната линија Скопје – Копер и бил пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат, а бил управуван од македонски државјанин. Непријавените цигари биле пронајдени во фабричка шуплина во делот зад тоалетот во автобусот, а како сопственик на истите се пријавил македонски државјанин, водич на автобусот. Цигарите се привремено задржани, а против водичот на автобусот е поведена прекршочна постапка.

– 19 kg режан тутун, откриени при контрола на товарно моторно возило со српски регистарски ознаки кое пренесувало KNAUF плочи наменети за извоз од државата, а било управувано од српски државјанин и пријавено за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот тутун е пронајден во кабината и во фабричките шуплини на влекачот кои се наоѓаат над воланот, како и во фабричката кутија за алат на полуприколката и истиот е привремено задржан, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 18.050 парчиња цигари марка YORK BLUE 100S и 950 парчиња цигари марка YORK RED со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на автобус со турски регистарски ознаки, кој сообраќал на редовната линија Пеќ – Истанбул и бил пријавен за излез од државата на граничниот премин Деве Баир, а бил управуван од турски државјанин кој поседува и македонски пасош. Непријавените цигари биле пронајдени во фабрички шуплини помеѓу седиштата и под фрижидерот во автобусот и истите се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 1.800 парчиња цигари марка MARLBORO и 300 парчиња цигари марка MARLBORO GOLD без акцизни маркички, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Според изјавата на возачот, цигарите ги купил на грчкиот фришоп од другата страна на границата, а истите биле пронајдени на дното од патна торба ставена на задното седиште и во задниот дел од багажниот простор. Непријавените цигари се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Оружје

– 1 парче воздушна пушка марка DIANAPANTHER 21 со вградена нишанска справа марка HUBERTUS 4X32, откриена при контрола на автомобил со белгиски регистарски ознаки, сопственост на белгиски државјанин, сопатник во возилото, а управуван од друго лице, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавеното оружје е пронајдено под пријавениот моторцикл (скутер) со белгиски регистарски ознаки, сместен на спуштените седишта од возилото и истото е привремено задржано, а против сопственикот на возилото е поведена прекршочна постапка.

Возило со бункер и регистарски таблички

– 1 автомобил марка PEUGEOT со албански регистарски ознаки, во кој од страна на мобилните царински тимови бил откриен специјално подготвен бункер наменет за криумчарење. Возилото било управувано од албански државјанин и пријавено за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. При извршената детална контрола, кај предното крило од страната на возачот, забележани се делови кои се преправани, фарбани и китирани и при понатамошната контрола пронајден е специјално конструиран бункер. Согласно законските прописи, возилото е привремено задржано, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 2 комплети бугарски регистарски таблички од автомобил марка RENAULT CLIO и моторцикл марка APRILIA PEGASO, откриени при контрола на автомобил со бугарски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Табличките биле пронајдени во багажникот на автомобилот, а возачот изјавил дека ги носел за да ги одјави автомобилот и моторциклот во Бугарија, но поради проблеми не успеал да ги одјави и ги враќа назад, како и дека автомобилот и моторциклот се наоѓаат во Република Македонија. На тој начин прекршителот ги пуштил автомобилот и моторциклот во слободен промет без да ги стави во пропишана царинска постапка и без да плати увозни давачки за истите, заради што против него е поведена прекршочна постапка.

Техничка стока

– 5 парчиња мобилни телефони, 1 парче проектор и 1 парче телевизор, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, во два одвоени случаи, при контрола на багажот на двајца македонски државјани, пријавени за влез во државата.

Во првиот случај биле пронајдени 2 парчиња мобилни телефони, 1 парче проектор и 1 парче телевизор, во куфер на патник кој пристигнал со лет од Виена, додека во вториот случај биле пронајдени 3 парчиња мобилни телефони, во куфер и во ташна на патник кој пристигнал со лет од Брисел. Непријавената техничка стока е привремено задржана, а против двајцата патници се поведени прекршочни постапки.

Друго

– 3 парчиња круни за дупчење, 9 парчиња делови за водни пумпи, 2 парчиња куќишта за јадро, 4 парчиња федери за куќишта за јадро, 2 парчиња месингани прстени и 1 парче редуцир, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавената стока е пронајдена во две картонски кутии сместени во багажниот простор на автомобилот и покриени со пластични вреќи и истата е привремено задржана, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 474 парчиња детски хеланки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонска државјанка, извршена на патниот правец Струмица – Ново Село, во близина на селото Дабиле. Облеката е пронајдена во багажниот простор и под предните седишта на возилото и истата е привремено задржана, а против македонската државјанка е поведена прекршочна постапка.

– 35 парчиња женски тоалетни ташни, 7 парчиња машки ташни и 9 парчиња машки тоалетни води, откриени при контрола на автомобил со германски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавената стока е пронајдена зад возачкото и совозачкото седиште и во багажниот простор на возилото и истата е привремено задржана, а против лицето е поведена прекршочна постапка.

– 252 пара папучи, 200 парчиња шорцеви, 100 парчиња боксерки, 126 пара пижами, 285 парчиња хеланки, 340 парчиња маици, 415 парчиња пешкири, 198 парчиња фармерки, 280 парчиња сукњи, 238 парчиња шамии и 15 парчиња прекривки, откриени како непријавена стока, од страна на царинските службеници при царинската испостава Скопје 1, при детален преглед на стока наменета за увозник од Кичево.

– 5 парчиња автоделови, откриени при контрола на автобус со македонски регистарски ознаки, кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, а бил управуван од македонски државјанин. Непријавените автоделови биле пронајдени во две кутии сместени под седиштата во внатрешноста на автобусот и истите се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 4.500 парчиња запалки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автомобил со македонски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Тетово – Јажинце. Запалките се пронајдени во багажниот простор на возилото и истите се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Мигранти

Царинските службеници од граничниот премин Богородица,во приколка на товарно моторно возило со српски регистарски ознаки, управувано од српски државјанин, прoнајдоа 97мигранти со непозната националност и без документи за идентификација. Возилото било натоварено со фолија за пакување кафе од грчки извозник, наменета за увозник од Србија. Лицата се предадени на Министерството за внатрешни работи за негово понатамошно постапување.