Олеснување на развојот на работната сила, воспоставување врски меѓу јавниот и приватниот сектор, меѓу пазарот на труд и неговите потреби и вештините што се создаваат преку образовниот систем, меѓу средните училишта, деловната заедница и Агенцијата за вработување имаше за цел проектот на УСАИД „Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување (Мрежа Јес). Обуките во рамки на проектот ги посетиле над 4.400 млади лица, од кои 1.200 веќе се вработени.
„Проектот ја опфати АВРМ која како институција е клучна во спроведување на владините политики за вработување, односно приближување на мерките и услугите до невработените. За тоа е потребно јакнење на капацитетот на вработените, но и вештините на младите невработени лица. Тоа беше овозможено преку обуки на 80 вработени во центрите за вработување, за програмите за подготовка за вработување и работа и за учење преку работа. Тие имаат обучено повеќе од 4.436 млади луѓе од кои 1.200 веќе се вработени, што претставува импозантна бројка“, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој се обрати на завршната конференција на проектот.
Според него, особено значајно е и што обуките ги поминале и 40 млади лица со попреченост, кои на таков начин ќе можат полесно да се интегрираат во општествениот живот.
Спасов додаде дека во рамки на овој проект е реализирана и Програмата за кариерно советување, во чии рамки се обучени 66 вработени од центрите за вработување, кои пак обучиле над 2.500 млади невработени лица.
„Поради одличните резултати заедно со програмата за подготовка за вработување и работа станаа дел од оперативните планови на активните мерки и политики за намалување на невработеноста за 2015 и 2016 година“, рече Спасов.
Значајни делови од овој проект, како што истакна министерот за труд и социјална политика, е можноста да се опремат работните клубови во седум центри за вработување, потоа да се зајакне дијалогот за подобрување на понудата и побарувачката на работна сила на локално ниво, отворањето економско социјални совети во 7 општини кои иницирале активности за намалување на невработеноста на младите на локално ниво.
„Посебно радува фактот што преку програмите кои беа дел од овој проект, заедно со мерките за вработување што се реализираат со поддршка на ЕУ, УНДП, УСАИД и со средства кои ги издвојува Република Мкаедонија, како и посветеноста во делот на реализација за отворање нови работни места придонесоа за голем пад на невработеноста која до пред десетина години изнесуваше 38 проценти, а кон крајот на 2015 изнесува 24,6 проценти“, рече Спасов.
Директорот на УСАИД Џејмс Стајн истакна дека преку овој проект им се помогнало на младите невработени лица да ги развијат врските меѓу нивните способности и интереси, бидејќи, како што рече, и двете се однесуваат на нивните индивидуални кариерни инспирации.
„Најважното наследство од овој проект е навиката да се опфатат повеќе перспективи преку јавно приватен дијалог зајакната улога на АВРМ, училишните центри за кариера, како и интегрираниот локализиран пристап кон решавање на невработеноста на младите“, истакна Стајн.
Проектот на УСАИД (Мрежа Јес) имаше за цел да им помогне на македонските општини да ги подобрат своите механизми за граѓанско учество, да воведат иновативни практики во образовниот процес, да им помогнат на младите кои бараат работа да се стекнат со потребните вештини за вработување и да обезбедат техничка помош за вклучување на младите со попреченост во општествено економскиот живот.