Министерството за здравство денеска соопшти дека препораките бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години да бидат ослободени од работните обврски утре ќе важат само за Јужновардарскиот регион, односно за Гевгелија, Струмица, Демир Капија, Штип, Радовиш и околните населени места.
Препораката, како што велат од министерството е дадена согласно најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, според кој во текот на утрешниот ден во Јужновардарскиот регион се предвидуваат температури од портокалова фаза. Останатиот дел од земјата ќе виде зафатен со температури од жолта (алертна) фаза.
„Само во овој регион остануваат да важат препораките за портокалова фаза, односно им се препорачува на работодавците во овој регион доколку изведуваат работи на отворено, да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот“, стои во препораката на Министерството за здравство и се додава да се избегнуваат спортски и рекреативни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Од министерството потсетуваат дека и понатаму треба да се почитуваат препораките за заштита од високите температури, односно да се избегнува директна изложеност на Сонче, престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да се носи светла и лесна облека, да консумирање лесна храна и течности, храната да биде термички обработена и хронично болните лица редовно да земаат терапија.
Извор: meta.mk