Економско социјалниот совет го поддржа пакетот закони за реализација на проектот „Македонија вработува 2“, со кој се предвидува вработување меѓу 15 и 20 илјади лица. На седницата, како што беше истакнато на денешната прес-конференција, разгледани се најновите измени на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за здравствено осигурување со кој се овозможува продолжување на проектот „Македонија вработува“ за уште една година со поволностите што беа предвидени во претходниот проект „Македонија вработува“.
„Пакетот закони е поддржан од сите социјални партнери во рамки на социјалниот дијалог што континуирано го водиме и со организациите на работодавачи и со претставниците на работниците. Едногласното прифаќање на пакетот на закон за реализација на проектот „Македонија вработува 2“ наиде поради фактот на позитивните ефекти што ги има и од аспект на работодавачите, односно организациите на работодавачите, застапниците на интересите на приватните компании и од аспект на претставниците на работниците, односно синдикатите“, рече министерот за труд и социјална политика на прес-конференцијата Диме Спасов.
Според него, најпозитивни ефекти има поголемата помош и поддршка на невработените граѓани, односно на повеќе ранливи категории или пак на групи невработени лица кои во минатото беа помалку конкурентни на пазарот на труд и на кои со овој пакет закони со проектот „Македонија вработува“ им се дава поголема поддршка, поголема стимулација за приватните компании да отворат нови работни места, голема заштеда на средства за отворање нови работни места.
„Од 27 до 37 проценти изнесува заштедата за едно отворено ново работно место од платата која што се исплаќа од бруто платата односно за секоја приватна компанија во просек заштеда од околу две илјади евра годишно за ново отворено работно место преку проектот „Македонија вработува“, појасни министерот.
Тој додаде дека овој проект ќе продолжи да влијае за намалување на сивата економија. – Овозможува заштита на работниците кои веќе работат во приватните компании. Нема простор за страв и сомнеж бидејќи самиот пакет закони овозможува и систем и механизам на заштита на постоечките вработени во приватните компании. Невозможно е да се отпуштат истите за да се вработат други лица со овие поволности. Исто така, се овозможува и заштита од злоупотреба од страна на корисниците на пакетот поволности, истакна министерот за труд и социјална политика.
Спасов рече дека следи доставување на пакетот закони во Собранието и продолжување на реализацијата во период од една година во која, како што рече, се очекува да се создадат нови работни места, да им се помогне на голем број компании, меѓутоа и пред се на невработените лица многу полесно и побрзо да дојдат до работно место.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митрески оцени дека фактот што сите социјални партнери дадоа поддршка на пакетот вклучително и ССМ ја промовира оценката дека станува збор за исклучително значаен проект, кој овозможува обезбедување континуитет во борбата против невработеноста и поттикнување на вработувањето со конкретни мерки кои даваат резултати.
Посочи дека анализата покажала оти во текот на изминатиот период и претходниот проект даде исклучителни резултати со овозможување вработување на 19 до 20 илјади лица.
„Проектот е значаен заради тоа што обезбедува и други дополнителни цели – го обезбедува поттикнувањето на вработувањето, елиминирање на нелојалната конкуренција која е присутна насекаде па и кај нас. Посебно значајна компонента е што ние како синдикат долго време се боревме како и на кој начин да обезбедиме егзистенција за повозрасната категорија работници, на работници кои претходно нивните претпријатија како резултат на притисокот на транзицијата и на приватизацијата заминале во стечај. Значи, се овозможува вработување на таа исклучително ранлива категорија на повозрасни работници“, рече Митрески.
Тој додаде дека проектот обезбедува и социјално економска сигурност на социјално ранливите категории и на инвалидните лица преку нивно вработување, а се регулираат и односните во пазарот на трудот,
Митрески ги повика работодавачите да ги искористат мерките како би можеле заеднички да обезбедиме натамошен поуспешен живот на граѓаните и работниците.
Проектот доби поддршка и од Организацијата на работодавачи на Македонија. Претседателот на оваа организација Ангел Димитров смета дека особено е важен за младите претприемачи, за луѓето кои првпат почнуваат бизнис и за брзорастечките компании. – Развојот на едно пазарно стопанство посебно зависи од приватна иницијатива и од храброста на претприемачите за развојот на сопствениот бизнис. На овој начин тие се охрабруваат и им се дава поттик да го рашират својот бизнис, рече Димитров.
Тој потенцира дека со предвидените измени ќе се надминат некои слабости во досегашната имплементација и не се дава можност за злоупотреби преку затворање на одредени компании и отворање на други. – Значи, секој капитал или поврзаност на тие компании ќе биде пречка за искористување на овие привилегии, посочи Димитров.
Миле Бошков од Бизнис конфедерација оцени дека продолжувањето на проектот „Македонија вработува“ ќе даде можност се уште да се поттикнат нови вработувања во Македонија.
Според него, ова претставува поттикнување на пристојната работа односно на начинот на кој може да се вработуваат социјалните категории, луѓето со попреченост и на некој начин да обезбедат материјална егзистенција.
Потенцира дека малите и средните компании имаат голема можност да продолжат на долг рок да вработуваат луѓе, но и на некој начин да ја обезбедат својата долгорочност или водење бизнис на подолг рок.
Благоја Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати истакна дека даваат поддршка бидејќи проектот досега даде резултат со вработување доста ранливи групи категории.
„Се намали невработеноста во Македонија за 2,8 отсто во период од една година. Се подигна нивото на социјалниот дијалог во Македонија и се надеваме дека со овој проект и во иднина ќе се подобри стандардот на сите вработени во Република Македонија“, рече Ралповски.
Драги Аргировски од Сојузот на пензионери на Македонија смета дека ова е најдобар проект на Владата и дава годишни резултати, бидејќи секое ново вработување значи нови средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, поредовна пензија и зголемување на пензиите.