Царинската управа на Република Македонија, во период на летни одмори и голема фреквенција на патници на граничните премини, на повеќе начини ги информира патниците кои влегуваат, излегуваат или транзитираат низ Република Македонија за нивните права и обврски, со цел овозможување на брза, безбедна и лесна царинска контрола.
Во таа насока, изработени се информативни брошури на македонски и англиски јазик со корисни податоци за важечката царинска регулатива за патнички промет, односно за дозволените количини за внесување или изнесување на тутунски и алкохолни производи, парфеми, предмети за лична употреба, лекови, миленичиња, оружје и муниција, предмети од историска и културна вредност и слично. Со цел подигање на свеста на патниците и нивно запознавање со царинските законски регулативи, во изминатите денови, интензивно се делат информативни брошури на граничните премини, која пракса ќе продолжи и во иднина.
Воедно, на патниците им се презентираат и брошури со информации за царинска регулатива поврзана со пријавување пари, изработени на македонски, англиски, албански и турски јазик. Патниците на аеродромите во Скопје и Охрид за законската регулатива имаат можност да се информираат преку информативно видео, кое во соработка со ТАВ е поставено на екраните на аеродромите во делот за чекирање каде патниците поминуваат пред да излезат од државата и во делот на зоната за пристигнување на мониторите кај лентите за багаж каде патниците го чекаат својот багаж при влез во државата, како и преку информативните табли поставени на граничните премини.
Во оваа прилика, уште еднаш ги потсетуваме патниците дека лимитот за внесување на пари изнесува 10.000 евра. Ефективни странски пари над 10.000 евра задолжително се пријавуваат на царинските органи. Што се однесува до изнесувањето на пари од Македонија, резидентите мора да го пријават секој износ над 2.000 евра и 120.000 денари по лице, при што се приложува потврда од овластена банка или менувачница. Изнесување на ефективни странски пари над 10.000 евра и 120.000 денари е забрането. Нерезидентите можат слободно да изнесат ефективни странски пари во износ до 10.000 евра и до 120.000 денари по лице. Доколку изнесуваат ефективни странски пари над 10.000 евра задолжително се приложува на увид писмената потврда во која е евидентиран износот при влез од страна на царинскиот орган.
Таканаречениот „зелен канал“, таму каде што постои, патниците можат да го користат само доколку не поседуваат стока која подлежи на плаќање увозни давачки. Во спротивно се користи „црвениот канал“, се пријавува сé што патникот носи со себе и во т.н. скратена царинска постапка се царини стока чијашто вредност не надминува 800 евра во денарска противвредност.
Во Македонија, покрај личниот багаж и лекови за лична употреба, слободно може да се внесат до 200 цигари (или 100 цигарилоси или 50 пури или 250 грама тутун за пушење) еден парфем од 50 мл или една тоалетна вода од 250 мл и литар алкохолен пијалак или 2 литри вино. Ослободувањата за преработки од тутун и алкохол и алкохолни пијалаци не важат за патници помлади од 18 години. Потребни се посебни дозволи за живи животни, суровини од животинско потекло, домашни миленичиња и за растенија. Забрана постои за оружје и муниција, недозволени супстанци, отрови и штетни материи како и за фалсификувана и пиратска стока.
Домашните патници се ослободени од увозни давачки за увоз на стока од некомерцијална природа во вредност до 350 евра. Во овие 350 евра не влегуваат алкохолни пијалаци, преработка од тутун, парфеми и тоалетна вода.
Преку информирање на патниците за нивните права и обврски, ефикасна организација и примена на современи царински постапки, ќе се избегнат подолги задржувања на граничните премини и ќе се обезбеди брз и безбеден проток на патници и стока.
Подетални информации може да најдете на интернет страната на Царинска управа www.carina.mk или на следните линкови:
http://www.customs.gov.mk/Uploads/Brosura%20Carina%20MK%20v2016.pdf
http://www.customs.gov.mk/images/Image/Letok%20Prijavete%20pari%20MK__final%20za%20mail.pdf.