Француска вечер на Охридско лето

На програмата на фестивалот Охридско лето, вечерва ќе се одржи традициолниот концерт наречен „Француска вечер на Охридско Лето“. На овој концерт ќе настапат едни од најистакнатите и најеминентни уметници од Франција, триото „Вандерер“ кои се појавиле на најпрестижните сцени во светот, а во својата концертна дејност впишуваат и соработка со големи истакнати музички имиња. На нивниот репертоар може да се најдат дела од времето на класицизмот, па сè до дела кои се компонирани во 20-тиот и премиерни изведби на дела од 21-виот век. Покрај многубројните компакт-дискови, ТВ и радиоснимки, во 2003 година снимен е и филм посветен на овој ансамбл.

„Ми претставува особено задоволство што Охридско лето и во ова 56 -то издание ја продолжува и традицијата за соработка со Француската амбасада и Францускиот културен центaр од Скопје, како и Социете Женерал Груп – Охридска Банка, со чија поддршка по 9 пат се реализира Француска вечер на фестивалот. Концертите во рамките на „Француска вечер“ на секое фестивалско издание е посебно интересен настан каде секогаш учество земаат врвни уметници од Франција. Оваа година за прв пат ќе ни гостува еден од светските водечки ансамбли на полето на уметничката музика. Неговите членови се врвни професионалци на својот инструмент, професори во значајни институции, добитници на голем број награди и признанија , изјави музичкиот селектор на Охридско Лето, Гордана Јосифова Неделковска.

На програмата оваа вечер се дела од најпознатите композитори Ј. Хајдн, В. А. Моцарт и Ј. Брамс. Концертот е во црквата „Света Софија“, а неговиот почеток е во 21 часот.

„Среќни сме што за прв пат ќе настапиме на најреномираниот фестивал во Македонија, во градот за кој што сме слушнале дека наликува на нашето Сен Тропе. Чест ни е што ќе бидеме дел од „Охридско лето“ и што ќе оставиме белег во музичката историја на фестивалот“ , велат членовите на ансамблот.

Француската вечер за првпат се организираше во 2008 во време кога Франција претседаваше со Европската Унија, за потоа да прерасне во привилегиран настан посветен на француската музика и средба со реномирани музичари.

„Без премногу да навлегувам во минатото, дозволете ми само да ги напоменам како пример гостувањата на кларинетистот Мишел Летиек во 2015 и пијанистот Хуг Леклер во 2014. Охридско лето е фестивал со меѓународен карактер. Би сакала особено да и се заблагадарам на госпоѓата Гордана Јосифовска-Неделковска, уметничка директорка која секоја година поканува извонредни музички ансамбли“ – изјави Фанцуската амбасадорка на Франција во Македонија, нејзината Ексиленција Лоренс Оер.

TW7-HD-Small-300x200