Драмската програма на годинешното 56. издание на „Охридско лето“ ќе биде отворена со настапот на НУ „Турски театар“ од Скопје, со последната нивна престава, поставката на „Комедија на грешки“ од Шекспир во режија на Коле Ангеловски. Директорот на Турскиот театар на денешната прес-конференција Атила Клинче, рече дека оваа претстава е продолжение на заложбите на куќата да ги обработува класиците, но во модерна форма.
„Специфичноста на Турскиот театар е обидот да го синтетизираме стариот турски традиционален театар со класичните дела на Шекспир, што сметаме дека успешно го правиме преку нашите режисери, по што и сме препознатливи“, рече Клинче.
Режисерот на „Комедија на грешки“ Коле Ангеловски од своја страна е веќе класик на „Охридско лето“ оттаму што ова е негов 26. пат со своја претстава да е дел од фестивалот.
„Оваа претстава е првото и најкусо дело на Шекспир, инспирирана од делото „Менехми“ на римскиот комедиограф Плаут. Приказната е за два пара близнаци кои од Сиракуза тргнуваат во потрага по својот пар во Ефес во Турција. Станува збор за доста раскалашен, дури и безобразен текст, ренесансно богат со интересни ликови и карактери, а ние таа класична форма ја правиме од денешен аспект“ рече Ангеловски, изразувајќи задоволство од соработката со актерската екипа на Турискиот театар.
Несрин Таир, актерката која ја толкува улогата на Адријана во претставата, во име на актерската екипа го изрази задоволството на начинот на кој се одвивала соработката со режисер како Ангеловски.
„Овојпат направивме шекспировска претстава, воопшто не е избегано од неговиот концепт, гротеската си стои, освен што делото е адаптирано на сензибилитетот на актерите од Турскиот театар, преку режисерските финти на Ангеловски“, рече таа.
Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски потсети дека мотото на годинешното фестивалско издание кога е во прашање драмскиот дел е „Славејќи го Шекспир ја славиме слободата“. На програмата покрај другите автори, ќе има и три претстави на Шекпир, со поставки на три негови дела од најразлични периоди на неговото богато творештво, дела од три различни жанрови што ќе се играат на три различни јазици.
„Живееме во време кога светот врие, а единствен лек за таа болка, за теророт на оружјето и теророт на парите, е токму културата и уметноста. Преку различниот пристап кон уметничките дела и воспевање на духовноста се обидуваме некако да ги облагородиме срцата, да и понудиме убавина на публиката,“ рече Јолевски по повод стартот на драмската програма на годинепното „Охридско лето“.
Иако вообичаено содржините од драмската програма на „Охридско лето“ се играат на сцени на отворено, поради временските услови вечерашната претстава наместо во предворјето на „Света Софија“ ќе биде изведена на Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток од 21 часот.