Три лица се повредени во сообраќајната незгода што вчера во 17 часот и 30 минути се случи на магистралниот пат Охрид-Ресен во близина на депонијата Буково.
Поради сериозноста на здобиените телесни повреди, во Општата болница во Охрид префрлени се: М.Б. (15), Л.Б. (44) двете од Скопје како и А.Р. (19) од Битола, кои, по укажаната медицинска нега се задржани на понатамошно лекување.
Во сообраќајната незгода учествувале четири патнички моторни возила: „Голф“ со битолски регистарски ознаки управувано од Х.С. (20) од Битола, „Цитроен“ со тетовски регистарски управувано од И.П (33) од Битола, „Сеат Кордоба“ со скопски регистарски ознаки управувано од С.Б (44) од Скопје и возило „Пасат“ со битолски регистарски ознаки управувано од С.Т. (30) од битолското село Горно Оризаре.
Незгодата е случена во момент кога возачот со првото возило марка „Голф“, движејќи се од правец на Охрид према Ресен, во близина на депонијата започнал да престигнува колона на возила а од спротивен правец се појавило второто возило марка „Цитроен“. Сакајќи да избегне директен судир, возачот на автомобилот „Голф“ се вратил на десната сообраќајна лента но изгубил контрола над возилото и излетал надвор од коловозот на десната страна. Во истиот миг, второто возило марка „Цитроен“ кое се движело од правец на Ресен према Охрид преминало на левата сообраќајна лента и со предниот лев дел се судрило со предниот лев дел од третото возило марка „Сеат Кордоба“ кое се движело од Охрид према Ресен пришто од силата на ударот излетало надвор од коловозот на десната страна. Четвртото возило марка „Пасат“ кое се движело во колона од правец на Охрид према Ресен со цел да избегне судир изгубило контрола и исто така излетало надвор од коловозот на десната страна.
По овластување на Јавниот обвинител, на местото на сообраќајната незгода извршен е увид пришто од 17,30 до 19,10 часот сообраќајот на магистралниот пат Охрид-Ресен целосно беше затворен за сообраќај.