Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Арбeр Адеми, и евроамбасадорот во заминување Аиво Орав го поздравиле постигнувањето на политичкиот договор меѓу четирите политички партии, потписнички на Договорот од Пржино. Двајцата соговорници, како што информираат од кабинетот на вицепремиерот, изразиле согласност дека сега од круцијално значење е целосната имплементација на договореното и дека и понатаму останува важноста на спроведувањето на итните реформски приоритети низ инклузивен процес.
На прошталната средба со шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава, Адеми му се заблагодарил на Орав за неговиот ангажман и за поддршката околу спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, како и за користењето на ИПА и на другите ЕУ-фондови.
„Адеми му посака успех на неговата нова позиција со надеж дека и понатаму ќе остане пријател и поддржувач на нашата земја. За време на средбата, вицепремиерот Адеми истакна дека и покрај тоа што Европската Унија се соочува со сериозни предизвици, како Брексит, настаните во Турција, последните терористички напади во Ница во Франција и продолжената мигрантска криза кои ќе бараат голема ангажираност и фокусираност од европските институции и од земјите членки, тоа не би требало да се одрази на процесот на проширувањето и на интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Во таа насока, Адеми нагласи дека Македонија треба да се третира како дел од политичката мапа на Европската Унија, од економски и од геополитички причини, но исто толку, ако не и поважно, од безбедносни причини заради обезбедување на стабилност на југоистокот на Европа“, стои во соопштението од кабинетот на вицепремиерот.
На крајот на средбата, се додава во соопштението, Адеми уште еднаш истакнал дека од суштинска важност е земјава да ја задржи препораката за отворање на пристапните преговори со ЕУ, бидејќи Македонија нема друга алтернатува освен целосна интеграција во ЕУ и во НАТО.
Амбасадорот Орав заминува на чело на делегацијата на ЕУ во Црна Гора, а на негово место во Македонија доаѓа Словенецот Самуел Жбогар.
Избор: meta.mk