Затворениот базен во Охрид ќе биде готов во 2018 година, во завршна фаза се три тениски игралишта. За изградбата на двата нови тениски терени, од кои едниот е единечен, а другиот двоен се издвоени 19 милиони денари, додека во рамки на Спортскиот центар при крај е изградба на уште едно повеќенаменско спортско игралиште за кое од Агенцијата за млади и спорт се обезбедени уште 9 милиони денари.
Тоа претставува сериозна инвестиција во спортот и во подобрување на инфраструктурата за рекреација на граѓаните на Охрид. Во напредна фаза е најкрупната инвестиција во областа на спортот во Охрид- затворениот пливачки базен во вредност од околу пет милиони евра.
„Интензивно се работи на тој проект. Се тамопонира горниот слој на подлогата. Имавме некои проблеми, непредвидени градежни зафати, проблеми со подземни води, но тие се надминати и интензивно се работи. Очекуваме согласно сегашната динамика за две години, односно кон средината на 2018 година Охрид да добие капитално спортско здание што ќе значи многу не само за градот, туку и за целата држава. Се работи за прв затворен базен изграден во земјата по 30 години, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт“, Марјан Спасески.
Сите предвидени спортски терени во рамки на Спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“ ќе бидат целосно инфраструктурно уредени, со пристапни патеки и со осветлување со можност за рекреација во вечерните часови.
Истовремено изработена е планска документација и избран е изведувач на две повеќенаменски игралишта кои ќе се градат во Охрид.
Локалната самоуправа е задоволна од соработката со Агенцијата за млади и спорт. За околу една седмица ќе отпочне и изградбата на фитнес зоната. Проблем за нејзината изградба е веќе изградената пешачка патека, која оневозможува влез на механизација на локалитетот наменет за тоа.
Спасески ги посети и веќе изградените содржини во рамки на СРЦ „Билјанини извори“ како што е фудбалското игралиште на вештачка трева кое овозможува спортски туризам во градот и подготовки на фудбалски екипи од странство. Тоа е изградено според сите меѓународни стандарди што ги предивидува Европската фудбалска асоцијација.
Како што информираа претставниците на СРЦ „Билјанини извори“ во зимскиот период максимално се искористени капацитетите на центарот за подготовки на спортски екипи. Најчесто се работи за спортски екипи од Србија, Албанија, Бугарија, како и домашни екипи.
За кондициските тренинзи спортистите ја користат и атлетската патека на Спортско рекреативниот центар, која е целосно изработена според меѓународните атлетски стандарди, како и отворениот базен што функционира во рамки на центарот.
Од Општина Охрид информираат дека со свои средства ги субвенционираат сите спортски екипи од градот за термините за нивни тренинзи, како и за младинските спортски школи.