Откриени измами, мигранти и запленети алкохолни пијалоци, лекови, автоделови, дрон, фалсификати и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија пет случаи на царински измами, мигранти и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани алкохолни пијалоци, лекови за потенција, автоделови, регистарски таблички, летечка камера, фалсификати и друго.

Задржана е следната стока:

Алкохолни пијалоци

– 294 шишиња виски JIM BEAM BLACK (по 700 ml), откриени при контрола на стока од извозник од Србија, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 1. Непријавените шишиња виски се со вредност од 103.606 денари со што е направен обид да се избегне плаќање на царински давачки во вкупен износ од 54.153 денари и истите се привремено задржани, а против увозникот ќе бидат преземени соодветни законски мерки.

-32 литри домашна ракија, спакувана во користени пластични шишиња, без акцизни маркички и без сертификат за квалитет, што ја прави потенцијално опасна за здравјето на луѓето, откриена од страна на царинските службеници од Царинарница Битола, при извршени контроли на 37 малопродажни и угостителски објекти на територијата на општините Битола, Струга, Ресен, Прилеп, Кичево, Демир Хисар и Охрид, како и на некои од зелените пазари во споменатите општини. Домашната ракија е одземена од физичко лице на еден од зелените пазари, а против истото се поведени соодветни законски постапки.

Лекови

– 7 kg (1400 парчиња) лекови за потенција KAMAGRA ORAL JELLY, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автобус со српски регистарски ознаки кој сообраќал на редовната линија Нови Пазар – Скопје и бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце, а бил управуван од српски државјанин. Непријавените лекови биле пронајдени во фабричка шуплина во просторот кај креветот, кој се наоѓа пред задните тркала на десната страна од автобусот и истите се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Автоделови и регистарски таблички

– 218 парчиња разни видови на автоделови, откриени при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце Автопат. Непријавените автоделови биле пронајдени во две картонски кутии сместени во возачката кабина на возилото и истите се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

– 1 комплет бугарски регистарски таблички и 1 соодветна бугарска сообраќајна дозвола од автомобил марка VOLKSWAGEN TOUAREG, откриени при контрола на автомобил со бугарски регистарски ознаки, управуван од македонски државјанин, кој бил придружуван од друг македонски државјанин, а бил пријавен за излез од државата на граничниот премин Делчево. Табличките и сообраќајната дозвола биле пронајдени во полиетиленско ќесе сместено пред совозачкото седиште од возилото, а сопатникот изјавил дека ги носел за да го одјави автомобилот во Бугарија, како и дека претходно со истиот имал сообраќајна несреќа во Македонија, по која го продал автомобилот, кој најверојатно сега се наоѓа на некој отпад. На тој начин сопатникот го пуштил автомобилот во слободен промет без да го стави во пропишана царинска постапка и без да плати увозни давачки за истиот, заради што против него е поведена прекршочна постапка.

Техничка стока

– 1 парче употребувана летечка камера марка PHANTOM, откриена при контрола на патничко комбе со германски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавената летечка камера била пронајдена во мал црн куфер сместен во багажниот простор на комбето и истата е привремено задржана, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Друго

– 70 парчиња прстени со сребрена боја, откриени на Аеродромот Александар Велики во Скопје, при контрола на багаж на македонски државјанин, кој пристигнал со лет од Истанбул. Непријавените прстени се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 400 парчиња ташни од вештачка кожа и 205 парчиња фармерки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на товарно моторно возило со турски регистарски ознаки, пријавено за излез од државата на граничниот премин Блаце, кое пренесувало стока од турски извозник, наменета за увозник од Косово.

– 346 парчиња футроли за мобилен, звучници и постелнинасо ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на стока од кинески извозник, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Гевгелија.

Царински измами

Во текот на мината недела откриени се пет случаи на обид за избегнување на плаќање на увозни давачки, од кои три обиди со погрешно декларирање на потеклото на стоката и два обиди со погрешно тарифирање.

Во царинската испостава Штип се откриени два случаи за обид за погрешно декларирање на потекло на стока и еден обид за погрешно тарифирање при увозно царинење.

Во првиот случај, увозник од Кочани пријавил за увозно царинење кримпреси за обработка на кабли, од извозник од Словачка и со преференцијално потекло од Словачка. Поради основано сомневање околу преференцијалното потеклото на стоката, извршена е дополнителна проверка на доказот за потекло, при што е констатирано дека стоката не ги исполнува условите за стекнување со преференцијално потекло, како резултат на што се пресметани дополнителни увозни давачки во износ од околу 1.4 милиони денари.

Во вториот случај, увозник од Штип пријавил за увозно царинење во две наименуванија ПВЦ профили и лајсни и пластични конектори, од извозник од Турција и со преференцијално потекло од Турција. Поради основано сомневање во преференцијалното потеклото на стоката извршена е дополнителна проверка на доказот за потекло, при што е констатирано дека стоката не ги исполнува условите за стекнување со преференцијално потекло, како резултат на што се пресметани дополнителни увозни давачки во износ од околу 47 илјади денари.

Во третиот случај, увозник од Кочани пријавил за увозно царинење вештачко губриво, од извозник од Холандија, со 0% царинска стапка и 5% ДДВ. Земена е мостра и истата е испратена на дополнителна проверка на тарифната ознака, а по извршената анализа е добиен одговор дека вештачкото губриво треба да се тарифира во друга тарифна ознака со 0% царинска стапка и со 18% ДДВ, како резултат на што се пресметани дополнителни увозни давачки во износ од околу 245 илјади денари..

Во царинската испостава Скопје 2 е откриен еден обид за погрешно декларирање на потекло на стока. Увозник од Скопје пријавил за увозно царинење разна стока распоредена во 30 наименуванија, од извозник од Турција и со преференцијално потекло од Турција. Поради основано сомневање во преференцијалното потеклото на стоката, извршена е дополнителна проверка на доказот за потекло, при што е констатирано дека стоката не ги исполнува условите за стекнување на преференцијално потекло, како резултат на што се пресметани дополнителни увозни давачки во износ од 274 илјади денари.

Во царинската испостава Кавадарци е откриен еден обид за погрешно тарифирање, при што увозник од Кавадарци пријавил за увозно царинење комплетна автоматска електична табла со 1% царинска стапка и 18% ДДВ, но по извршениот делумен преглед констатирано е дека таквиот вид на стока треба да се распореди во друга тарифна ознака со 15% царинска стапка и со 18% ДДВ, како резултат на што се пресметани дополнителни увозни давачки во износ од околу 10 илјади денари.

Мигранти

– 6 мигранти, од кои 4 со потекло од Авганистан и 2 со потекло од Иран, се откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на товарно моторно возило со турски регистарски ознаки, управувано од турски државјанин, извршена на царинската испостава Скопје 2. Возилото пренесувало стока од турска фирма извозник, наменета за увозник од Македонија. Лицата се предадени на Министерството за внатрешни работи за негово понатамошно постапување.