Несовесни граѓани го уништуваат имотот на детската градинка „Јасна Ристеска“

Од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ ги информираат граѓаните, кои бесправно влегуваат, се задржуваат и ги користат дворните површини од објектите на градинката, особено во попладневните и вечерните часови, а притоа прават штета на имотот на градинката од типот кршење на оградите, кршење и уништување на детските игралишта, качување на покривите од објектите, расфрлање на отпадоци од секаков вид во тревниците, корнење и уништување на градините, кршење гранки и корнење на растенија во дворовите посадени и одгледувани од децата, дека прават прекршок.

„Последен пат ги молиме сите инволвирани во овие непристојни дејствија, посегање и уништување на општествениот имот и материјалните добра, по она што ни припаѓа на сите, особено на децата од градинката, оние кои им ја нарушуваат безбедноста за престој во градинката, оние кои им ја загадуваат животната средина на децата да престанат со ваквото однесување веднаш!“ – велат од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.

Оттаму ја информираат јавноста, доколку и понатаму се случат вакви несакани ситуации, дека известена е и СВР- Охрид кој ги зачести своите контроли и доколку затекне надворешно лице во кругот од било кој објект, веднаш без ново предупредување на сторителот ќе му изрече соодветна казнена мерка според законот за вакви прекршоци.