Во присуство на Градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски, претседателот на Советот на Општина Дебрца, Даниел Огненоски, претставници од Основното училиште од општината и локалното население започна санацијата на Културниот дом во Лешани. Како што велат од Општината, Културен дом кој ќе прерасне во подрачно Основно училиште во рамките на ОУ „ДЕБРЦА” – с.Белчишта, реконструираниот објект ќе значи комплетно нови услови како за учениците, така и за наставниот кадар. Во рамките на објектот ќе има посебно одвоен простор кој ќе биде на располагање за локалното население.
Инаку од пожарот што во ноември 2011 година го зафати Културниот дом , целосно беше изгорена кровната и меѓукатна дрвена конструкција, целосно е уништена надворешната и внатрешната столарија, а од објектот останати се само надворешните и делумно внатрешните ѕидови.
„Денес, 4август, е голем ден, историски ден за овој дел од општината Дебрца. Денес практично започнува реализацијата на она што беше ветено и она што беше ветено почнува да се гради денес, а ќе се заврши во наредниот период, тоа е Културниот дом во Лешани, кој ќе прерасне во подрачно Основно училиште во рамките на ОУ “ДЕБРЦА” – с.Белчишта, а дел од објекот е проектиран како повеќенаменски простор кој ќе го има на располагање локалното население. Имам особена чест и задоволство како Градоначалник на Општина Дебрца да учествувам на одбележувањето на овој настан.” – вели Градоначалникот Игор Трајкоски.
Проектот преставува дел од низата проекти кои ги спроведува Градоначалникот Трајкоски во делот на Образованието, подобрување на воспитно образовните установи и создавање услови за непречено одржување на наставата на учениците и вработените во ОУ „ДЕБРЦА” – с.Белчишта.
Вкупната инвестициона вредност на овој проект е 6.175.807,0 денари со пресметан ДДВ, од кои 3.000.000,0 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, а остатокот се сопствени буџетски средства.