Собранието вечерва усвои заклучоци за тоа што треба да се преземе за санирање на последиците од невремето од 6 август и поплавите што следеа во скопскиот и тетовскиот регион, во кои загинаа 22 лица, десетици се повредени, а причинета е огромна материјална штета.
Со усвоените заклучоци, меѓу другото, Собранието се заложува државните и сите надлежни институции да продолжат да излегуваат во пресрет на жителите од погодените подрачја се до конечно остранување, санирање и ублажување на последиците од катастрофалната временска непогода. Се бара Владата да го реализира заклучокот за авансно обесштетување на погодените семејства и да продолжи да се ангажира за брза проценка на штетите, а државните институции да преземат законски мерки против оние кои ја злоупотребуваат настанатата состојбата за финансиска корист.
Владата треба да изврши проценка и доколу е потребно да пренасочи средства од одредени тековни буџетски ставки во надлежни институции со цел справување со последиците од катастрофалната временска непогода. Министерството за финансии и Владата да подготват, а Собранието да разгледа одлука за прераспределба меѓу буџетските корисници со кои ќе се обезбедат средства за обесштетување на семејствата на загинатите лица, загрозените семејства, како и за санирање на штетите.
Средствата за кои досега не се преземени договорни обврски преку склучени договори, а предвидени за набавка на возила кои не се поврзани со основната дејнсот на буџетскиот корисник, изградба на репрезентативни објекти, купување мебел и друга опрема, како и средства за репрезентација, доколку е потребно делумно или целосно да бидат пренаменети за оваа намена.
Извор: meta.mk