Во текот на минатата недела, царинските службеници открија една царинска измама, еден обид за нелегално преминување на државната граница и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани златен накит, девизи, облека, парфеми, цигари, маслиново масло, автоделови, техничка стокаи фалсификати.
Задржана е следната стока:
Златен накит и девизи
– 439 грама златен накит и 340 парфеми од 50 ml, откриени при контрола на германски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица, се пријавиле тројца турски државјани. Во багажникот на возилото, во просторот за алат е пронајдена кеса со 22 златни нараквици од 22 каратно злато и 2 златни ланци со жиг 585, додека во просторот за резервна гума биле пронајдени повеќе картонски кутии со 340 парфеми, како и 6 штеки цигари без акцизни маркички.
Непријавената стока, чија вредност е проценета на околу 1,1 милион денари е привремено задржана, а против лицето ќе биде поведена соодветна постапка.
– 1.600 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски камион, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Ќафасан. Во заден џеб од панталоните на возачот биле пронајдени 3.600 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата. За сторениот прекршок, против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Облека, парфеми, енергетски напитоци
– 105 машки маици, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на турски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани а против патникот е поведена прекршочна постапка.
-45 парчиња облека (марами, панталони, јакни, елеци, корсети и здолништа) и 6 чанти, откриени при контрола на македонски авртомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените производи, пронајдени во 6 кеси, сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е понесено барање за поведување прекршочна постапка.
– 47 женски парфеми од 100 ml и 26 машки парфеми од 100 ml, откриени при контрола на белгиски автомобил, управуван од белгиски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените парфеми, пронајдени во повеќе патни торби сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 317 лименки од по 250 мл енергетски напиток, откриени при преглед на магацински простории на две правни лица од Куманово, извршен од страна на царинските инспектори од Одделението за истраги. И во двата случаи на лименките од енергетскиот напиток немало декларација за составот на производот на македонски јазик, туку на странски јазик, што укажа дека стоката е наменета за друг пазар, а сопствениците на правните лица во моментот на контрола не презентирале никакви документи од кои би се утврдило потеклото на стоката односно како истата е набавена. Поради постоење на основано сомнение дека станува збор за криумчарена стока, истата привремено е одземена, а против правното лице и одговорното лице во правното лице ќе се поднесе соодветна пријава.
Цигари и маслиново масло
– 52 штеки цигари со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Дојран. Непријавените цигари, пронајдени во специјално подготвено скривалиште во подот на возилото, под предните седишта, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.
– 104 литри маслиново масло и 9 штеки цигари без акцизни маркички, откриени при контрола на две патнички возила, пријавени за влез во државата на граничниот премин Меџитлија.
Во првиот случај, при контрола на швајцарски автомобил со кој патувале тројца грчки државјани, во просторот за багаж биле пронајдени 12 канти со вкупно 104 литри маслиново масло, додека во најлонска кеса сместена зад возачкото седиште се пронајдени 9 штеки цигари од кои по една штека им била вратена на патниците, а останатите 6 штеки и маслиновото масло се привремено задржани.
Во вториот случај, при контрола на македонски автомобил со кој патувале тројца македонски државјани, кои пријавиле дека со себе носат ловечка муниција за која имаат дозвола од Министерството за внатрешни работи, покрај пријавената муниција, биле пронајдени и 6 штеки цигари. Согласно законските прописи, на патниците им била вратена по една штека, додека останатите три се привремено задржани.
Во двата случаи против возачите се поднесени барања за поведување прекршочни постапки.
Автоделови и регистарски таблички– 6 употребувани гуми за патничко возило и 1 гитара, откриени при контрола на бугарски камион, управуван од бугарски државјнин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените производи, пронајдени во кабината на возилото, завиткани во ќебиња, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 1 комплет бугарски регистарски таблички и сообраќајна дозвола, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Делчево. Табличките и сообраќајната дозвола, пронајдени во багажникот на возилото, завиткани во весник, припаѓале на патничко возило марка Ford Mondeo, сопственост на патникот, кој изјавил дека истото го расходувал во Италија, но не поседувал документ како доказ за расходувањето. Од евиденцијата на Министерството за надворешни работи било утврдено дека возилото последен пат е евидентирано на влез во државата во 2010 година, но не е регистриран излез од државата. Поради сомневање дека возилото е пуштено во слободен промет во Република Македонија, без претходно да биде ставено во пропишана царинска постапка и без да бидат платени увозни давачки, против сопственикот ќе биде поведена прекршочна постапка.
-19 разни делови за товарно моторно возило (ладилник, сет дихтонзи, лежишта за лагери, брегаста оасовина, делови за корпа за багер и др.), откриени при контрола на грчко патничко комбе, управувано од грчки државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените делови, пронајдени во просторот над возачката кабина и помеѓу седиштата на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Техничка стока
– 1 комплет употребуван детектор за метали марка GarrettGTI 2500, откриен при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавениот детектор, пронајден во торба сместена во багажникот на возилото, е привремено задржан, а против сопатникот во возилото, кој бил сопственик на истиот, ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 1 мостра од пумпа, 1 употребувани ротор и 1 карданско вратило за пумпа за индустриски машини, откриени при контрола на стока со потекло од Србија, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Табановце автопат-отсек за стоково царинење. Непријавената стока, која не била опфатена со царинските документи, е привремено задржана, а против увозникот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 18 рачни алати (брусилки и одвртувачи од марките AEG, Ryobi и Bosch), 11 полначи за батерии, 10 батерии од 12V, 2 камери Marquan, 1 стартер за возило и 75 мемориски картички од 16 и 32GB за мобилни телефони, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој пристигнал со лет од Гетеборг, Шведска. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Мигранти
На граничниот премин Табановце автопат е откриен обид за нелегален излез на патници од државата. При контрола на босански камион, управуван од босански државјанин, пријавен за излез од државата, возачот забележал дека церадата од десната страна на приколката е отворена и побарал да се викне полиција и да се изврши контрола на товарот. При извршената контрола, во приколката биле откриени 2 лица со непозната националност и без документи за идентификација. Илегалните патници се предадени на полициските службеници од преминот за понатамошна постапка.
Измама
Во царинската испостава Гевгелија е откриен обид за избегнување плаќање увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.
Во текот на месец јуни, 2016 година, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење ензимски препарати за додаток во прехрамбената индустрија, декларирани во тарифна ознака со пропишана стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. Поради сомневање во правилното распоредување на стоката според Водичот за царинење, биле земени мостри и испратени на испитување во Царинската лабораторија. Резултатите од испитувањето покажале дека пријавената стока треба да се распореди во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18% .
Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, царинската испостава Гевгелија изготви записник за распоредување на стоката според царинската тарифа, изврши пресметка на дополнителни увозни давачки од околу 39 илјади денари и спроведе прекршочна постапка со мандатна казна против царинскиот застапник.